Фузија на класичен гламур и модерен минимализам во Limited Еdition колекцијата за есен-зима 2020 на Антонија Ристовска
За оваа сезона познатата модна дизајнерка Антонија Ристовска одлучи да се фокусира на капутот, модно парче кое сите го носат во студените месеци. Капутот не е само парче облека кое ќе нè згрее во ладните денови, туку, како што смета дизајнерката, е нашиот начин како комуницираме со целиот свет околу нас во првиот момент кога ќе го напуштиме домот.
- Капут во темно сива или црна боја ве прави да изгледате мистериозно. Виолетовата боја го истакнува гламурот во вас. Кралско сината како омилена на софистицираните дами. Камел бојата пак како земјен тон ве прикажува како смирена и релаксирана личност. За сезоната есен-зима 2020 инспирацијата за колекцијата капути ја пронајдов токму во жената која внимателно го одбира секое парче облека и каква приказна сака да раскаже преку него. Создаваќи модели кои ќе си го најдат своето место во зимските денови од година во година, секој модел е изработен со внимателно комбинирање на бои и детали. Дел од моделите се инспирирани од колор блок техниката за прв пат воведена во уметноста од познатиот сликар Мондријан, а дел се во нијанси на бела и црна, како посакувани за неутрални комбинации. Во секое парче може да се забележи фузија на класичниот гламур и модерниот минимализам. Како и секоја колекција, ателјето ги изработи сите модели со големо внимание за највисок квалитет, но во согласност со оддржлива мода – со минимален отпад – објаснува Ристовска.
За оваа колекција во лимитирана едиција посебно се изработени пониклувани и позлатени копчиња и патенти со логото на брендот, а моделите се изработени од природни материјали – фина и мека волна, кашмир, вискоза и памук – со потекло од Македонија и Италија.
Уште една новина за дизајнерката Антонија Ристовска.Од 15.10.2020 венчаници со потпис на Антонија Ристовска се достапни преку италијанската онлине платформа: maggiesateliers.com во Италија и ширум светот.
Фотографија: Богдан Глишиќ/ Модел: Ангела Ѓеоргиева
Нема коментари