Дизајнерката на накит и облека, Анџелика Јорданова, деновиве му вдахна празничен изглед на култниот скопски ресторан „Лира“. Таа ја разубави празничната атмосфера во дворот на локалот со декорации во црвена, златна и снежно-бела боја, кои дaвaат посебна топлина, удобност и асоцијација за претстојните празници.
-Традиционално, веќе трета година по ред, бев задолжена за допринос во новогодишната атмосфера на „Лира“. Секоја година се трудам да создадам различна приказна и поинаква декорација, колку што тоа дозволуваат условите. Овој пат се одлучив за снегулките во бела и златна боја, а дел од дрвјата во двојот ги украсив со шеќерни јаболка, бидејќи е ресторан, па супер се совпадна. Како и секоја година, си играм со боите, а овој пат акцент ставив на златните тонови, со нив е разиграно волшебно. Вистинска празнична магија. Секој детал е суптилен и гледав да одговара со амбиентот на самиот ресторан, да не е претерано, туку да биде минималистички. Јас сум презадоволна, а и реакциите на посетителите на локалот секоја година се позитивни-вели таа.
Анџелика е млада и перспективна креативка. зад себе има повеќе самостојни изложувања на модни уникати. Пред неколку години беше дел до школата за моден дизајн на Никола Ефтимов и на Росица Мршиќ на „Евро-Балкан“ и учествуваше и на завршната ревија на која ги имаше едни од највпечатливите модели. По ова продолжи нејзината приказна со модниот дизајн. Изработи мозаичен фустан, кој ќе биде првпат изложен на ова изложба.
Пред неколку месеци ја создаде колекцијата „Забранети бои“ (Forbidden Colors), која покрај самостојната изложба, ја претстави и во концептуланиот простот „Концепт 37“, на Неделата на дизајнот и други. Нејзината прва изложба беше во Полска.
- Благодарна сум што растев во фамилија креативци. Тоа ми е во генот, како наследство. Желбата за дизајнирање е голема, таа ме придвижува, а секако, моето образование како археолог многу ми помага. Имам завршено и специјализиран курс по театарска сценографија…Сè уште растам, учам и ова е само почеток – ми изјави таа во една прилика.
Дел од нејзиниот накит може да се погледне/ набави во „Концепт37“.
Нема коментари