Брендот „Алшар“ и дизајнерката Силвија Михајловска претставија нова колекција за пролет-лето 2020 наречена Snivilisation, која што се состои од 32 парчиња и е илустрирана со фотосесијата што ја објавуваме, а во следните денови ќе ја погледнеме и соработката со режисерката Тамара Котеска („Медена земја“) која подготви фотографии и видеа – нејзин поглед на креациите на Силвија од оваа колекција.
Името на колекцијата, Snivilisation, ја открива и испирацијата на дизајнерката Силвија – истоимениот албум на бендот Орбитал, популарен во деведесеттите години.
-Инспирирација се и скиците од мои креации направени во перидот меѓу 1995 и 2000 година, како и мои лични парчиња облека кои ги носев во тој перид на техно журките во градот – ни откри дизајнерката.
Во креирањето на оваа колекција таа внимавала да има елементи на slow fashion движењето, кое се карактеризира со купување на квалитетна облека од помали брендови, купување на облека која трае подолго и повеќе сезони, употреба на природни и еко-материјали и совршени кроеви, редизајнирнирање на облека.
-Се фокусиравме на квалитет во дизајнот, материјалите и изработката. Сакаме да ја нагласиме уметноста во изработката и вештината на луѓето кои ја создаваат! Идејата е да создаваме уникатни парчиња кои се наменети да траат и да пркосат на сите брзи трендови кои ги наметнуваат масовните брендови, кои изработуваат евтини парчиња наменети за една сезона – вели Силвија.
Во изработката на колекцијата користени се неколку бои – бела, црна, жолта и сребрена, а материјалите, освен сребрениот, се 100% памук, што креациите ги прави идеални за летниот период.
-Во контекст на одговорно користење на ресурси редизнајниравме неколку парчиња на облека од стари колекции, во некои креации ги употребивме сите остатоци – парченца од материјалите, со што добивме интересна структура на ткаенините. Беше тоа макотрпен процес, но со одличен ефект!
За оваа фотосесија Силвија искористи неколку парчиња од нејзината облека што ја носела на техно журки пред 25 години, а кои одлично се вклопија во целата приказна.
-Пораката е дека секое квалитетно парче облека создадено со љубов трае и вреди многу повеќе од евтината облека која го поттикнува конзумеризмот и трае една сезона – смета дизајнерката.
Фотосесијата е направена во природа, во една прекрасна шумичка во маалото на Силвија. За реализација на целиот концепт „Алшар“ соработуваше со AVON Macedonia и мејк ап артистката Миа Арабаџиева, Оптика Центар-Охрид, TNJ-fashion group (чевли) и Marija Thair – Marcy’s-handmade која изработи накит специјално наменет за колекцијата. Фотографиите ги направи самата дизајнерка, а позираат Зара Саздовска и Маја Илиоска.
-И на наше најголемо задоволство реализиравме и соработка со режисерката Тамара Котеска која направи прекрасни сетови од фотографии и видеа со креации од колекцијата. Тие независно една од друга раскажуваат посебни приказни, нејзино видување на секоја од креациите која е фотографирана и кои наскоро ке ги објавиме – ни откри дизајнерката на „Алшар“.
Колекцијата е поддржана од Скопско, а е достапна во ателјето на „Алшар“ на улица Ленинова, кое е повторно отворено и работи со вообичаеното работно време: 11.30-19.30 часот.
Нема коментари