Сезонава модната дизајнерка Силвија Михајловска од брендот „Алшар“ претстави серија на креации на различни теми, еве ја и последната колекција наречена „Панк принцеза“, претставена преку овие фотографии на кои позираат Карија и Маја Илиоска.
-Инспирација е супкултурата, поточно панк музиката и панк „принцезите“ како Ненси Спанџен, Нина Хаген, Деби Хари, Кортни Лав, односно нивниот стил интерпретиран на мој начин, кој вклучува асиметрија, нитни, каро дезен, анимал принт и додатоци како појаси со нитни врз романтични фустани – ни откри дизајнерката Силвија.
Материјалите во колекцијата се природни и најмногу се користени памук и волна. Преовладуваат фустани, панталони, елеци и капутчиња. Дизајнерката секоја креација ја замислила да може да се комбинира на повеќе различни начини, така што и девојките што можеби не се пронаоѓаат во панк стилот, во оваа колекција можат да пронајдат креација што се прилагодува на нивниот индивидуален стил.
Ова е само дел од колекцијата, таа периодов ќе се надoградува и панк принцезата на „Алшар“ зимава ќе носи уште неколку нови креации.
Нема коментари