Дизајнерката Силвија Михајловска од брендот „Алшар“ и покрај времето во кое живееме кое создава пречки и во модниот свет, континуирано создава колекции и успешно ги продава. Новата пролетна колекција Brave New World („Храбар нов свет“) реферира на дистописката тема од новата ТВ серија работена според познатата култна книга на Олдос Хаксли со овој наслов, а е претставена преку фотосесијата што можете овде да ја погледате.
-Инспирација за колекцијата е серијата Brave New World која е направена според истоимената книга на Олдос Хаксли, која патем ја имам прочитано уште во средно училиште и ми остави силен впечаток. Тоа ме привлече да ја гледам и серијата, бидејќи целата дистописка тема, за жал, одговара на моментот кој го живееме. Серијата е одлично визуелно доживување и беше директно инспирација за креациите од пролетната колекција Brave New World, од Black Label линијата на „Алшар“. Колекцијата ја карактерисзираат елегантни чисти линии со елементи на сафари доловени преку креациите со надворесни џебови – ни кажа модната дизајнерка Силвија и откри дека новата пролетна колекција содржи минималистички креации збогатени со набори и со колор-блок комбинации.
-Боите се топли, земјени, тонови кафено и беж (крем) искомбинирани со црна и бела. Асоцираат на природа и топлина и одлично се комбинираат со додатоци од природни материјали како дрво, рафија, бамбус и кожа во camel-боја. Креациите од Black Label линијата се уникатни, што значи не ги мултиплицитаме и се по едно парче. Изработени се со големо внимание и од природни високо квалитетни ткаенини како памук и свила. Многу битно во оваа ситуација ми беше креациите да ги направиме носливи и удобни, почитувајќи ги моменталните потреби на нашите клиентки, потоа да имаат дизајнерски печат и да содржат доза на магија која ни е потребна во моментов– изјави Силвија од „Алшар“.
Креациите го доловуваат сензибилитетот на урбани девојки со истенчено чувство за мода и естетика. Оваа колекција ќе биде надополнета со полежерни креации од White Label линијата на „Алшар“ кои ќе ја следат оваа приказна.
-На мое огромно задоволство за фотографирање на колекцијата соработувавме со Ана Чаловска од блогот „Скопје се носи“ и со моделот Ана Ежова. Фотосесијата е направена во моето омилено место во Скопје – Музејот на современа уметност. Користени се чевлите на кумановскиот бренд Boos, а за фризурите се погрижи Маријана Ковачева од фризерското студио „Нирвана“.
Нема коментари