Дизајнерката Александра Митковска во среда, 18 декември, ќе одржи средба во бутик каде што ќе бидат изложени нови модели од колекцијата „Премиера“ произведени во поголем сериски број. Настанот наречен Fashion Night Out with Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska е замислен како средба за сите љубители на авангардниот и екстравагантен дизајн на Митковска кои од 17 до 22 часот ќе имаат можност да ги разгледаат и пробаат креациите, и доколку сакаат веднаш да си купат модел од колекцијата.
На последното издание на „Моден Викенд Скопје“ Александра Митковска презентираше мал дел од колекција за есен-зима 2013/14 насловена „Премиера“, а сега имаме можност да ја видиме доразработената верзија на колекцијата произведна во серија од 3.000 парчиња. Со ова Митковска веројатно е првиот македонски моден дизајнер кој направил сериско производство на својата тековна колекција. Креациите се изработени во Македонија, а наменето за домашниот и странскиот пазар.
Модната публика ќе има можност во релаксирана атмосфера да разгледа повеќе видови на зимски капути и палта направени од висококвалитетни ткаенини, неколку вида на сакоа со интригантен крој, фустани со волуменозни делови и со кариран принт, потоа здолништа и панталони, сите произведени во три величини. Шоурумот и бутикот на Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska се наоѓа на ул. „11 Октомври“ бр. 86 (спроти Државниот пазарен инспекторат) во Скопје.
Нема коментари