Британската модна куќа Александар Меквин покрена иницијатива со која ќе им помогне на студентите по моден дизајн и ќе се ослободи од неупотребениот материјал. Креативната директорка на куќата Сара Бартон изјави дека стотици метри неискористен текстил и вишокот на материјали што останува после производството на колекциите, ќе им бидат дадени на студенти од 14 универзитети во Велика Британија кои имаат модна програма.
Со оваа иницијатива од една страна им се помага на судентите кои сега нема да мора да купуваат скапи материјали за школските проекти и финалните колекции, но се запазува и еколошкиот аспект – се прави реупотреба на ткаенините. Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи на планетава и генерира околу 5% од целокупниот отпад во светот. Куќата на Александар Меквин треба да е пример и за другите луксузни брендови кои остатоците од производството го уништуваат, наместо да им најдат друга функција.
На пример, куќата „Барбери“ имаше практика да ги гори неискористените материјали и според еден документарец од 2018 година станува збор за материјали во вредност од 70 милиони фунти. Со новиот креативен директор Рикардо Тиши „Барбери“ ја напушти оваа практика и тој врши силен притисок брендот да се посвети на принципите на одржливост во модата.
Во донирањето на остатоци од ткаенини, Александар Меквин им дава ветер во грбот на новата генерација на дизајнери и обезбедува уште еден мал начин за брендовите да се фокусираат на поодржлива иднина. Соопштувајќи ја оваа иницијатива, Сара Бартон се потсети на своите студентски денови и на тоа колку е тешко кога не можеш да обезбедиш финсии за материјали за дипломската колекција. Таа била многу среќна што кога ги завршувала студиите почнала да работи кај Александар Меквин и дизајнерот многу ѝ помогнал околу текстилот. Но, повеќето студенти ја немаат таа среќа, особено во ова ново време кога сите сметаме дека ресурсите треба да се користат правилно.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрени на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари