Со изработка на мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).
Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ, и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.
После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола на колективот КУРС од Белград, АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.
Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот пак е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста особено во овој дел од населбата.
Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачје на општина Гази Баба кои се случија пред четири години.
Од општината велат: „Да не се заборави поплавата која ја зафати нашата општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние делуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг”.
Овој мурал е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште 5 други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе се заврши муралот во Битола кој за жал беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна . Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.
Покрај во Битола и Ченто , во периодот што следува, муралите се сликаат во следните градови:
Гевгелија
ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА, СОЦИЈАЛНА БЛИСКОСТ / КОМШИЈАТА И ВО АРНО И ВО ЛОШО/
Автор: Миле Ничевски во соработка со М.Ц и во партнерство со БОШ Фестивал.
Прилеп:
НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!
Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин
Во партнерство со ЦСЛУ и Јавен Простор – Прилеп
Штип
ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ
Авторка: Јана Јакимовска
Во партнерство со Гласен Текстилец – Штип
Велес
СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА
Автор: Давор Кешкец
Во партнерство со Општина Велес
Кочани
СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ
Автор: Ненад Тонкин
Во партнерство со Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.
Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!
Нема коментари