Можеби претпоставувате дека не постои модна блогерка во својата седмата деценија која инспирира со својот изглед, стил и енергија, ама размислете повторно и запознајте ја Лин Кенеди Слејтер, 63-годишна универзитетска професорка и социјален работник од Њујорк. Таа некое време го води блогот наречен Accidental Icon, во превод случајна икона, откако папараци фотографи пред две години ја побркале со позната личност и почнале да ја фотографираат на улиците на Њујорк. Слејтер всушност требала да се сретне со пријател пред местото каде што се одржувала модна ревија, била облечена во својот препознатлив стил, и како што вели самата „оддеднаш бев опкружена со модни фотографи кои ме сликаа мислејќи дека сум некоја битна личност од модата. Навистина сè беше случајно“.
Случајно откриена и фотографирана, својот блог сепак го почнала намерно и целосно инспиративно. Покрај фотографии, модни шопинг идеи и лични есеи во кои зборува меѓудругото и за својата дефиниција за феминизам, Accidental Icon нуди и доза на емотивна зрелост во светот во кој владеат `дваесет и нешто годишните модни блогерки`. Всушност, Слејтер повеќе го преферира терминот инфлуенсер (некој што е влијателен), отколку модна блогерка.
Нејзините фотографии се снимани по улиците на Њујорк, направени во минималистички манир и без обработка, оставајќи ги така на видело сите брчки и побелената коса. Таа ја меша својата зрелост со младешка енергичност, својот интерес за мода со авангардниот стил, правејќи комбинации кои се современи, модерни, одговараат на разлилна возраст, но успешно ја избегнува замката на повеќето постари дами – да изгледа несоодветно за своите години и во нападно младешка, скоро тинејџерска облека. „Староста не е варијабила што ја земам во обзир кога се облекувам. И мислам дека е прекрасно што се олабавуваат границите во модата“, смета Лин.
Нема коментари