Модниот бренд Angie M. на Ангела Младеноска ја претставува новата колекција наречена 2020 going 80’s, преку која во ова неизвесно што го донесе 2020-та, годината во која се обидуваме да останеме позитивни, нè навраќа на 80-тите години, како своевиден поглед во минатото за да собереме инспирација и оптимизам за иднината и подобро утро.
-Новата колекција 2020 going 80’s настана со цел да се навратиме кон 80-тите години, во едни поедноставни времиња каде на луѓето стресот им беше нешто непознато, кога одличната поп-култура вклучувајќи ги најдобрите филмови, музика и ТВ емисии внесуваа енергија во вистинските љубители на забавата, времето кога луѓето беа среќни знаејќи животот е составен од моменти за паметење– вели Младеноска.
Таа смета дека иако тие години се минато, смелиот, еклектичен стил од таа деценија продолжува да живее и денес.
-Кога ќе помислите на модата од 80-тите години, веднаш добивате слика на светли бои, розева, зелена, сина,совршено обликувани „разиграни“ кадрици украсени со дречливи стегачи, како и „агресивна“ блескава и колоритна шминка. Белите патики, грејачи, широки блузони, искинати хулахопки, бајкер-јакни и широки здолништа, се дел од силуетата на 80-тите. Големо влијание врз реализацијата, а воедно и инспирација за оваа колекција беше и легендарната музика која што плени со широкиот спектар на жанрови, носејќи категории и варијации дотогаш нечуени, варијации кои и ден денес се главен сегмент во современите ноти.
Кога ќе помислите на 80-тите, помислувате на Мајкл Џексон, Мадона, Витни Хјустон и уште многу други извонредни изведувачи. А каде се слушале овие незаборавни гласови? Секако, на касетофоните. Тој е впрочем и главниот симбол на Angie M. спортската колекција. Оваа колекција на спортска опрема, хеланки со висок струк, топчиња и дуксерки, е наменета за сите девојки кои се пред сè спортски активни, вежбаат јога, фитнес, аеробик, зумба, пилатес, кои сакаат да носат удобни парчиња кои го истакнуваат женското тело, а притоа сакаат да се чувствуваат пријатно и женствено– вели Ангела.
Но модните парчиња на Angie M. не се наменети само за спортските ентузијасти, тие може да се користат и како моден избор за вечерни или попладневни излегувања. За дизајните да доживеат целосна реализација Ангела повторно соработуваше со модниот дизајнер Мите Занов. За претставување на колекцијата направена се фотографии и видео, а во тимот кој ги изработи учестуваа шминкерката Миа Араби, Елена Николовска беше задолжена за фризурите, потоа Мартин Трајановкси – фотограф, Ѓорги Вацев – видео, Ангела Анчевска – модел , Ангела Младеноска – модел, Марија Лукаревкса – кореограф и танчер, Сања Матeeва – танчер – студиото за танци „Сонриса“ и модната агенција Моделс Ин Менаџмент.
За целосната организација и дизајн на колекцијата се погрижи Ангела Младеноска, основач на Angie M., која се специјално се заблагодарува на Вања Младеноска, коосновач на брендот.
Нема коментари