Модната директорка на британски Harper’s Bazaar Аврил Мер направи листа на модни правила што треба да ги применувате во канцеларија во летниот период, а и за тоа што не треба да носите кога сте на работа. Облекувањето за во канцеларија во потоплите денови може да предизвика доста стилски загатки за тоа што навистина е дозволено според бизнис-дрескодот. Еве ги советите на Мер, додадовме и некои наши сугестии:
1. Носете соодветна долна облека
Изберете бежов или градник кој одговара на вашиот тен, секогаш кога носите бела облека. Потоа градник без прерамки за фустан со прерамки, и задолжително маичка под проѕирната облека. Вистинскиот избор на долната облека може да направи фундаментална разлика во тоа дали ќе изгледате елегантно или не. Предупредување во врска со блузите и фустаните со голи рамења – кога седите зад компјутер на шефот може да му изгледате како да сте голи, затоа размислете за тоа колку е сериозно местото каде што работите, овој тренд стил можеби не е добра идеја за во канцеларија.
2. Белата кошула секогаш е добар избор
Има причина зошто ова е класично парче – сите изгледаат добро во бела кошула, без исклучок. Ова лето можете да најдете голем број на варијации во понудата на модните брендови достапни кај нас, бирајте кошули од природни материјали кои што се квалитетно изработени.
3. Погледнете во нозете
Ако работите во канцеларија каде што се дозволени сандали со отворени прсти или пети, задолжително претходно посетете педикир. Нема место за несредени нокти во канцеларија. Изберете и соодветна боја на лак, светлите и бежови тонови и класичната црвена може да поминат, но дречливите и шарени нокти не се баш вкусни за на работа.
Сепак, колку и да е лежерна атмосферата на работа, апостолките никогаш не се добар избор.
4. Монохроматскиот изглед е „ин“
Црната и белата изгледаат одлично на работа. Соодветното не треба да биде здодевно – бела маица плус црно молив-здолниште е најлесниот летен аутфит, а може да изберете и бела кошула со стилизирани панталони со сатенска лента од страна за шик, трендовски изглед.
5.Kардиган за постудените денови
Инспирирајте се од Викторија Бекам која често носи краток кардиган врз фустаните. И во лето може да ви застуди, особено во простории што се ладат со клима уред, па наместо сако летното кардиган џемперче е подобра опција. Додадете појас за модернизирање на изгледот. Добар избор е и шанел-јакничка од лесен материјал.
6. Спријателете се со миди должината
Во летните денови кога повеќе се преферираат пократки должини, миди здолништето се чини чуден избор, но е вистнинско парче доколку сакате да изгледате средено и тренди. Дополнете со горен дел вметнат во здолништето и ниски чевли, и веднаш ќе почувствувате свежина и леснотија.
7.Викенд облеката е токму тоа – облека што се носи за викенд
Тексас шорцеви, слоган-маици, тесни фустани, обоени градници, кежуал туники, макси фустани без прерамки, ова се само неколкуте облеки што треба да ги оставите за прошетка во парк, дружење во кафуле и други викенд активности. Само затоа што се соодветни за времето, не значи дека функционираат во канцеларија.
8. Блејзерот со машки крој може да биде вашиот најдобар пријател
Облечете тегет или бел блејзер врз летниот фустан секогаш кога треба да изгледате посериозно на деловен состанок или на конференција. Летен бејзер со едноставен крој инспириран од машките сакоа е едно од главните модни парчиња на секоја деловна жена.
9. Работната облека не треба да биде досадна
Се разбира, зависи од тоа каде работите. Но, трендовски парчиња како килот или широки панталони, облека инспирирана од спортскиот стил, па и некои комбинезони, може да се прилагодат за во канцеларија, комбинирани со елегантни блок-потпетици или ниски чевли. А потоа со соодветни детали лесно се трансформираат во вечерен изглед.
10. Купувајте на попуст
Секогаш вреди да се инвестира во летната работна гардероба, а некои бзвременски парчиња може да ги најдите на попуст и да ги носите неколку сезони, како на пример мантил, плисирано здолниште, елегантни панталони, фустан со рамен крој, класична кошула. Но, купувајте мудро и бирајте модели во неутрални бои како сива, беж, бела, монохроматски шари – и никогаш нема да погрешите.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари