Дилемата што да облечете за дочекот на Новата година може да ја разрешите доколку ги разгледате колекциите за есен-зима 2016/17 на македонските дизајнери. За да ви помогнеме во изборот, направивме селекција од 10 фустани од најновите линии на 10 наши креатори, кои би можеле да послужат како идеја за вашиот новогодишен изглед. Доминираат свечените модели, во црна и златна боја, соодветно на прославата, а застапени се и парчиња во темновиолетова, сина, зелена и сива боја. Станува збор за фустани со потпис на „Кларис“, Росица Мршиќ, Јована Филиповиќ, Антонија Ристовска, Олгица Ѓеоргиева, Ирина Тошева, „Алшар“, Андреј Папаз, Мите Занов и Марија Трајанова. Дел од нив премиерно беа претставени на есенското издание на Моден викенд-Скопје, некои на посебни ревии, а дел преку социјалните мрежи, со фотосесија.
CLARIS
Дизајнерката Тања Кокев кон крајот на минатиот месец со ревија во МНТ ја претстави својата нова колекција и воедно ребрендирање и нов назив на својата модна куќа во Claris. Од колекцијата есен-зима 2016/17, која е женствена и романтична, селектиравме виолетов фустан со карнер и црна тантела, кој одлично би се вклопил во раскошот на новогодишната ноќ. Со оглед на тоа што е дел од линија која е симбол за нов свеж и чист почеток на Claris, симболично фустанот може да донесе и нов поубав почеток во Новата 2017-та година.
РОСИЦА МРШИЌ
Инспирирана од поемата „Гавранот“ на Едгар Алан По, дизајнерката Росица Мршиќ ја создала колекција за есен-зима 2016/17, што ја претстави неодамна во своето студио. Новата “pret-a-porter” линија вдишува романтика во современиот изглед на жената. Мршиќ во неа ја преведе женската нежност во црна палета, чисти кроеви дополнети со рафинирани слоеви и нагласени со длабоко розови детаљи. Од оваа линија го селектиравме цриот фустан од тантела, во кој ќе изгледате драматично, женствено и секси.
ЈОВАНА ФИЛИПОВИЌ
Црниот миди фустан, која ја следи линијата на телото, е дел од новата колекција на Јована Филиповиќ, „Големата убавина“, што можевме да ја погледнеме на Модниот викенд-Скопје, како и во концептуалната продавница и бистро Wonderlust. Инспирација за колекцијата на креторката ѝ бил италијанскиот филм La grande bellezza („Големата убавина“) на Paolo Sorentinni.
АНТОНИЈА РИСТОВСКА
Баланс на романтично и модернистичко е основата на колекцијата Balance за есен-зима2016/17 на Антонија Ристовска, која ја претстави со фотосесија, на Stylist.mk. Новата колекција е инспирирана од внатрешниот порив на жената која балансира помеѓу љубовта и омразата, доброто и злото, исклучителниот комфор и крајната неудобност, помеѓу задоволството и воздржувањето, слободата и сигурноста, притоа задржувајќи го сопствениот став. Крајната порака е да се најде вистинскиот баланс во реката на животот и неговата бесконечност. Во нашата новогодишна модна листа ставивме кремасто-син фустан со голи рамена, во стилот на 50-тите.
ОЛГИЦА ЃОРГИЕВА
Дизајнерката Олгица Ѓоргиева со колекцијата Touch of my soul ја продолжи приказната за модно навраќање кон себе, својот стил на креирање и своите корени. Од моделите преставена на Модниот викенд-Скопје, избравме сив фустан со цветна апликација. Моделот ла следи линијата на телото и ја открива женствената, секси страна на дамата.
ИРИНА ТОШЕВА
За девојките и жените со младешки дух, сите тие што сакаат полежерен изглед и ги избегнуваат класичните свечени модели, идеален ќе биде шарениот фустан од креаторката Ирина Тошева. Линијата, која ја претстави на Моден викенд-Скопје, е инспирирана од жар-птицата како мотив во приказните од словенскиот фолклор. Духот и боите од оваа волшебна птица се пресликани во новата колекција. Селектираниот фустан е со интересен принт, кројот е краток и е со голи рамена. Одично одговара со високи чизми.
„АЛШАР“
Од новата колекција на Силвија Михајловска која стои зад брендот „Алшар“ избравме златен фустан со асиметричен крој.Моделот, кој се поклопува со актуелниот тренд на светскави креации, е наменет за храбри и модерни девоји, кои сакаат добро да се забавуваат на Новогодишната ноќ. Колекцијата за есен-зима 2016/17, која деновиве ја претстави преку фотосесија , е инспириранаод естетиката на сликите на Тамара де Лемпицка, настанати помеѓу двете светски војни во арт деко стил.
АНДРЕЈ ПАПАЗ ЃОРГИЕВСКИ
Од театралната деби-колекција „Враќање на антихеројот“ на младиот дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски, која ја претстави на Модниот викенд-Скопје, селектиравме краток црн фустан, со сребрени елементи. „Враќање на антохеројот“ е за секоја несовршена личност која се спротиставува на толпата. Колекцијата се занимава со внатрешниот човеков изглед, кој го трансформира и бескомпромисно го прикажува онаков каков што е, храбар, незапирлив, неуништлив.
МИТЕ ЗАНОВ
Долгиот фустан со преклоп, со златен сјај, е нашиот предлог за блескав новогодишен изглед од колекцијата „Муза“ на младиот креатор Мите Занов. Линијата можевме премиерно да ја погледнеме деновиве преку фотосесија снимена во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје. Колекција е мотивирана и создадена од вечната инспирација во уметноста – женското тело, неисцрпна тема подложна за безброј варијации во приказот и субјективно поимање кај секој автор.
МАРИЈА ТРАЈАНОВА „МАРСИН“
На листата се најде и модел од колекцијата Million Voices на младата Марија Трајанова која креира под својот бренд наречен „Марсин“. Станува збор за црн фустан со лелеави ракави со отвори и гол грб. Во колекција, претставена на Модниот викенд се насетува женски сексапил преку припиени форми, изрези и длабоко деколте.
Нема коментари