Минималистичка, мултифункционална и со андроген крој е новата колекција, наменета за обата пола на македонскиот бренд за современа мода „Лудус“. Родово неутрална мода, односно безродов дизајн е концепт што креаторот Драган Христов, кој стои зад овој бренд 10 години, го развива подолго време. Новите креации ќе бидат промовирани в четврток (9 јуни) во 20 часот на „Плаја виста“ во рамки на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива 2016“, со поддршка од Конгресниот центар Александар Македонски, кој е оргaнизатор на фестивалот. Линијата, со наслов кој е изведен од машките и женски хромозоми- XYYX, е составена од 20 парчиња изработени од високо квалитетни стопроцентно природни материјали, како памук и ладна волна наменети за престојниот летен период.
-Новата колекција го носи насловот XYYX поради тоа што е родово неутрална колекција, односно безродова. Ова е концепт што „Лудус“ го развива подолго време, но конечно со оваа колекција добива целосна форма. Наместо инспирации, во колекцијата има многу влијанија од сите сфери на уметноста и сметам дека е рестриктивно во креативниот процес да се ограничиме на една или неколку инспирации како и целосно да ги откриваме. Парчињата така стануваат подложни на различни лични интерпретации.
*Како настана соработката со „Скопје креатива“ и како е замислена презентацијата, дали подготвувате посебно сценарио?
-Колекцијата како проект е целосно поддржана од фестивалот на креативни индустрии „Скопје Креатива 2016“ и е направена специјално за овој настан. Ова е трето учество на „Лудус “ на „Скопје Креатива“, за прв пат в четврток ќе биде прикажана екслузивната колекција на локацијата на фестивалот на стариот базен „Плаја виста“ во Скопје. Сметам дека нашата работа не може соодветно да се прикаже на конвенционален начин со ревии и отсекогаш сме го претпочитале алтернативниот пристап. Овој пат парчињата ќе бидат поставени во специјално направена модна инсталација. Инаку колекцијата XYYX ќе може да се види на локацијата на фестивалот до недела 11. јуни, а потоа ќе биде во продажба на сајтовите ludus.com.mk и bastetnoir.com/ludus, како и во концептуалната продавница „Јавна соба“.
* Кои се основните каректеристики на новата колекција, какви модели и форми се застапени?
- Стилот на колекцијата е минималистички, моделите се прилагодуваат на обата пола и на различни тела. Беше особено важно да е направена од висококвалитетни природни материјали како памук и ладна волна. Парчињата се монохроматски (црно-бели) со акценти од сина боја кај додатоците. Креациите се направени со одредена идеја за личностите кои би ги носеле и со тоа сметам многумина од креативниот сектор би се препознале во нив. Неконвенционалноста како нивна заедничка карактеристика (на клиентот и парчето облека) ќе им овозможи да ги адаптираат за разни пригоди, вечерни како и дневни. Акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични,а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб.
* Деновиве направивте промотивна фотсосеија. Со кого соработуваше на снимањето?
-Лукбукот го направивме со фотографката Ана Марија Радосављевиќ со која е огромно задоволство да се соработува. Сметам дека фотосесијата е особено важна за колекцијата и и дава сосема поинаков лик. Моделите ги носеа Ана Калачоска, која е постојан соработник на „Лудус“, Леуарт Лека и Кемил Исметовиќ. Шмниката и фризурите се на модната блогерка Мартина Неделковска.
*На какви проекти работиш изминатиот период и какви ти се плановите за оваа годината?
По оваа колекција следува изработка на нова колекција за есен зима, како и надополнување на постојаната колекција. Во последно време изработуваме помали колекции и проекти наместо вообичаените сезонски колекции два пати во годината.
*Одбележувате 10 години од основање на „Лудус“. Како ќе го одбележите јубијелот, подготвувате ли со некој посебен настан?
-„Лудус“ како концептуална продавница беше отворена пред точно една декада, на 6. јуни 2006 година. Во 2010г. започнавме со модната колекција чијшто петти роденден го прославивме со постојаната колекција Permanent Black.
*Гледано наназад, кои се најзначајните моменти на брендот, со кои проекти и соработки посебно се гордееш?
-Најпријатните моменти во досегашната работа на „Лудус“ се нашите настапи на интернационални настани и ревии како „Проект Радар“ во Марибор и „Идентитет“ во Љубљана. Особено, пак, се гордеам со каталозите на „Лудус“, уживам во снимањето на фотосесиите и нивната подготовка како и атмосферата при нивната реализација.
*„Лудус“ е бренд за урбани девојки и момчиња, кои го сакаат минимализмот, андрогениот имиџ и футуризмот. Кои сè јавни личности досега носеле „Лудус“ и каде сè се „прошетале“ вашите креации?
-Клиентите на „Лудус“ се личности кои најчесто имаат креативна професија и на мое огромно задоволство тоа се архитекти, уметници, актери, дизајнер итн. Најдраго ми е кога ќе сретнам на културен настан некој во парче од „Лудус“, особено ми е задоволство што мојата пријателка и соработничка Ана Калачоска ги носи креациите на „Лудус“ и има дава посебна енергија и живот.
Нема коментари