Обетки, ѓердани, брошеви, прстени, чанти, капи и други модерно и уникатно изработени дизајни од различни материјали можеа да се погледнат и набават по прифатливи цени изминатиов викенд на Xmas Designers Pop Up во скопскиот локал „Цреша“. Во пријатна, непосредна и креативна атмосфера, посетителите имаа можност да уживаат во дизајните, но и во друштвото на повеќе домашни креативци и гости од регионот.
На поп-ап шандовите се претставија: Јана Ацевска со нови модели од својот бренд „Капка“, Мима Пејоска со продолжение на нејзиното истражување на лебдечкиот накит, а Билјана Клекачкоска со своите неочекувани и неповторливи изуми во филигран техника. Јасмина Главинче (Wizart) понуди шарени додатоци вдлабнати на парче дрво. Во дрво беа раскажани и модните приказни на Глигор Кузмановски, додека Катерина Микрут, која стои зад етикетата Mikka design, понуди топли колоритни плетени додатоци. Гостинката од Бугарија, Зора Романска [ZorA*] освежи со чанти, нараквици и други уникати од кожа. Mожеa да се погледнат и даските за сечење од Monozero.
Настанот го посетија неколку стотици љубители на модата и на уникатно изработениот накит. Во недостаток од постојан продажен простор, што на едно место ќе ги обедини квалитетните автентични и модерни домашни дизајнери на накит, распородажбите и базарите од ваков вид остануваат единствен начин за директен контакт со нив.
Нема коментари