По успешната прва сезона на американската серија American Crime Story за вистински криминални приказни, „Народот против О.Ј. Симпсон“, продуцентите најавуваат два нови серијала, третиот посветен на убиството на славниот дизајнер Џани Версаче пред неговата куќа во Мајами.
Третата серија, наводно, ќе се базира на книгата „Вулгарнa наклоност: Ендрју Кунанан, Џани Версаче и најголемата неуспешна потера во историјата на САД“ (Vulgar Favors: Andrew Cunanan, Gianni Versace and the Largest Failed Manhunt in the US History) од Морин Орт, хроника на смртта на Версаче од рацете на серискиот убиец Ендрју Кунанан, како и последователната потера по убиецот што заврши со негово самоубиство осум дена подоцна. Версаче беше петтата жртва на Кунанан.
Продуцентскиот тим кој стои зад новиот серијал – Рајан Марфи, Бред Фалчук, Нина Џејкобсон и Бред Симпсон, е истиот што победи на последното доделување на телевизиските награди „Еми“ за „Народот против О.Ј. Симсон“. Кастингот веќе е почнат, во Холивуд се води трка за улога во серијата, вклучувајќи ја и онаа на неговата сестра Донатела Версаче.
Ова не е единствениот проект за животот на Версаче, во јули годинава беше објавено дека се подготвува филм со Антонио Бандерас во главната улога.
Нема коментари