Модел, многу сличен на препознатливите крем кожени чевли што повеќе од 20 години ги носи уредничката на американски Vоgue, Ана Винтур, стана хит во уличната мода. Сандалите со преклоп и отвор на предниот дел, кои добија освежена и модерна варијанта во ресорт колекцијата за 2016 на Gucci, можеа да се забележат на улиците на Милано и Париз за време на актуелните модни недели. Модните блогерки, трендсетерките и едни од највлителните дами во модата во моментов, меѓу кои и основачката на Buro24/7, Мирослава Дума, моделот Карен Елсон, актерката Дакота Џонсон и внуката на Грејс Кели, Шарлот Казираги, ги носеа овие чевли.
Покрај кремастите, во една од највпечатливите колекции на Gucci овој модел го има во вид на влечки во темновиолетова, зелена, златна и шарена варијанта. Иако можеби не станува за идентичен модел, сепак многу потсетуваат на чевлите од Маноло Бланик што Винтур ги носи од 1994 година.
Иако на дофат ги има најлуксузните и најекстравагантните модели на чевли секоја сезона од најпрестижните модни куќи, веќе 22 години Ана Винтур носи еден ист модел. Бланик лично ги дизајнирал по мерка на Винтур, која избрала две нијанси на крем бојата зашто сметала дека ќе ѝ одговараат со секоја комбинација. Предуслов било тие да се удобни и убаво да легнат на ногата. Така, покрај нејзината славна боб фризура, овие сандали со потпетица се заштитен знак за највлијателнаата уредничка во светот на модата. Тие се чифт историја. (А.Н.)
Нема коментари