Галеријата на Младинскиот културен центар изминативе два дена беше центарот на домашната дизајнерска сцена благодарение на Super Design Pop-Up Store, привремена продавница на која се претставија на македонски креатори на облека, накит и дополнителни дизајнерски предмети. Организаторот на настанот Драган Христов од брендот „Лудус“ по седми пат успеа на едно место да ги собере домашните креативци, овојпат најбројни по број, а посетителите можеа да се почестат со креации на етаблирани дизајнери, млади креатори, препознатливи брендови кои создаваат во разлини стилови и вредни автори на накит.
Се пробуваа и комбинираа разни модели, а голем интерес имаше за креации од последните колеквии на Елена Спасовска, Лидија Георгиева и „Лудус“, доста се продаваа чантите на Елена Ростовска и хип-хоп облеката на Acid Wear Girls, а публиката уживаше и во моделите на „Стилисимо“, модернистичкиот накит на Јана Ацевска, кожената јакна Ивана Кнез и другите креатори што продаваат на Bastet Noir, ретро накитот на „Гоблен“, необичните техники на креирање на Мелани Димитровска, магичниот накит на „Еклектика“, потоа делата на Нина Симовска од Just Because, BipArt, Atami Gaya,„Линија“, Билјана Каран, Илина Поповска, Mikka Design, Јелкица Поповска и Simon Angel. Свои презентации на настанот имаа организаторките на првиот саем на современи уметности Partissimia кој ќе се одржи во јуни оваа гoдина, како и тимот од новиот сајт „Скопје се носи“.
Дводневниот настан го посети модно освестена публика која го почитува македонскиот дизајн и која викендов уживаше во облеката и модните додатоци на 20-тина домашни креатори, а камерата на Stylist.mk улови неколку автентични ликови со уникатни и трендовски стајлизни. Тимот на Stylist.mk исто така го промовираше новиот консултантски оддел, а во рамките на Super Design Pop-Up Stоre подготви фотосесија со црвенонокосата Симона Ничева која ни позираше во неколку комбинации направени со понудените парчиња на штандовите на учесниците. Покрај тоа понудивме стилистички совети на посетителите и неколку верзии на стајлинзи изложени на манекенки кукли поставени во консултантското катче на Stylist.mk. Одредени парчиња на дизајнерите ги означивме како фаворити, што наиде на извонреден ефект и продавање на повеќете креации на кои ја закачивме „етикетата“ на Stylist.mk.
Нема коментари