Модерниот, сестран и луциден пристап во раскажување на приказната заплеткана во спорот меѓу Израел и Палестина, на новата мини ТВ -серија на BBC, The Honourable Woman („Достоинствената жена“) летово ѝ донесе највисоки оценки од критичарите. Истовремено и американската актерка Меги Гиленхал, која ја толкува носечката улога, доби пофалби за одличната изведба на достоинствената Неса Стајн, но и за начинот на кој ги износе елегантните креации на сетот. Софистициран, минималистички и со силен личен печат, стајлингот на Гиленхал како Неса Стајн се вброја во листата на најдобрите модни изданија во ТВ-серии на сите времиња. Таа за кусо време им се приклучи на Кери Вашингтон („Скандал“) и Робин Рајт („Куќа од карти“) на листата со ТВ-ликови кои покрај моќниот карактер имаат и влијателен моден имиџ.
Во 10-те епизоди на The Honourable Woman се појави во креации со квалитетен крој, често инспириран од машкиот ормар, и со модерен дизајн, меѓу кои и избор од „Ланвин“, „Армани“, Стела Макартни, „Селин“ и Roland Mouret. Нежните, женствени креации ја омекнуваа новата„железна дама“ и даваат пример како треба да изгледа една современа бизнис-жена или политичарка. Таа суптилно ја редефинира достоинствената елеганција.
И останатаите дами во The Honourable Woman: Линди Данкан (како Анџелика Хајден -Хојл) и Лубуна Азабел (како Атика Халаби) носат внимателно избрани модели со потпис на познати дизајнери, меѓу кои Изабел Марант и Марк Џејкобс.
Меги Гиленхал и приватно го негува тој урбан шик елегантне имиџ. Често ја гледаме во едноставни, но модерни парчиња, долги широки панталони со палто, уникатен едноставен фустан, кошули и миди здолништа. А круна на целиот имиџ е модерно кусо потсрижената коса, која ја прави истовремено ранлива и нежна, но и секси и силна.
Нема коментари