Пократки од вообичаните панталони, необични на изглед и потполно стилски, панталоните со новата должина од неколку сантиметри над глуждот се актуелни во модните колекции во последниве сезони. Поткусените модели се голема транзиција од тесните скини панталони и фармерки што се носеа со години, се надополнуваат со тенденцијата на килот-панталони, а може да се појават во неколку верзии – од широки и со крој на класични панталони до потесни и од џинс ткаенина. Креациите со оваа должина се најдоа во повеќето дизајнерски колекции за пролет-лето 2015, а ги забележавме и во предесенските колекции кои се вовед во трендовите за идната есен. Исто така овие стилови на панталони потсетуваат и на некои стари холивудски времиња, а во слични креации своевремено можеа да се видат Одри Хепберн, Лорин Бекол и Грејс Кели.
Еве неколку клучни правила како да изгледате со стил во панталони со оваа должина. Прво, важна е вистинската должина – треба да паѓа на најслабиот дел од вашиот глужд доколку сакате да постигнете ласкачка силуета. Ако е потребно преправете ги на шнајдер. Внимавајте на изборот на чевли и балансирајте дали ќе носите високи потпетици или патики според комбинациите што ги предлагаме. Особено добро стојат со необични чизми до глужд и пролетни чевли со средни потпетици. Покажете ги чизмичките, по примерот на првиот стајлинг – широки панталони и шарени чизмички се прав погодок.
Внимавајте на комплетната силуета и балансирајте широки со тесни парчиња. Избегнувајте широки џемпери во горниот дел и изберете краток топ или струкирано палто или јакна. Забавувајте се со комбинациите. Може да носите модел од кадифе, твид, тексас или кожа, а ваквите панталони се прикладни и за на работа, за прошетка низ градот со пријателите или за вечерно излегување.
Нема коментари