„Да се освои толпата и да се продолжи заедно со неа е херојство, но храбро да и се заврти грбот и без двоумење да се продолжи, е мисија на реткиот антихерој“. Со вие зборови младиот дизајнер Андреј Папаз Ѓоргиевски неколку дена пред почетокот на 14-тото издание на Моден викенд-Скопје ја најави својата деби-колекција, „Враќање на антихеројот“. Вчеравечер посведочевме за неговиот прв, но значаен исчекор од костимограф и креатор на тоалети за на црвениот килим, во дизајнер со комплетирана колекција.На ревијата во „Скопје Мериот Хотел“ ја потврди тезата дека треба храброст да се создаде линија која нема да биде однесена со трендовскиот бран, ниту пак ќе биде направена по нарачка, туку ќе го одразува внатрешниот дизајнерски порив на креаторот.
Во колекцијата и на самата ревија беше видлива љубовта кон театарот, авангардата и раскошната женска убавина. Моделите маршираа облечени како современи Медеји, следејќи го ритамот на музиката подготвена од Димитар Андоновски. Беа претствени дузина креации правени од палета од квалитетни материјали обоени во беж нијанси, па сè до потемни кафеави и црни тонови . Секое парче облека е стилизирано и обогатено со раскошни текстури . Изгледот го надополнија и креативно искомбинирани детали кои даваат силен карактер на моделите.
„Враќање на антохеројот“ е за секоја несовршена личност која се спротивставува на толпата. Колекцијата се занимава со внатрешниот човеков изглед, кој го трансформира и бескомпромисно го прикажува онаков каков што е, храбар, незапирлив, неуништлив. (А.Н.)
Нема коментари