Во време кога на нашата сцена се одржуваат само две поголеми модни манифестации (Моден викенд-Скопје и Битолската модна недела), кога нема модни купувачи (баери), има застој во модната индустрија и дизајнерите презентираат линии за актуелните сезони, а не како што е светска пракса-неколку месеци претходно, вистинска храброст е се претстави колекција една сезона порано. Оваа работна навика ја имаат само малкумина домашни кретори, меѓу кои е и креаторот од Битола, Никола Петровски. Неговата визија за оваа пролет ја видовме минатата есен, а вчеравечер во салонот на „Ауди-Порше Македониjа” во рамки на Модниот викенд-Скопје, сезона пред другите, ја промовира колекцијата есен-зима 2014/15. Тој има кондиција, и решителност да биде во тек со светските случувања, а тоа го докажува и со своите колекции, кои не се загубени во меѓусезонскиот простор, туку скогаш се со јасна, лична идеја. Овој пат тргнал од љубовта, како движечка сила, која ја насликал на моделите. Парчињате се со форми инспирирани од 70-тите и 90-тите години од минатиот век, и по потемни бои, кои послужиле како алтернативни уметнички платна. Креациите се наменети за луѓе со слободен дух, храбри и сигурни во себе.
Петровски е исто така еден од ретките што не заборава на машката мода и редовно промовира креации за двата пола. Во модниот свет, барем кај нас, мажите се обесправени, фали автентичен домашен дизајн со модерна нишка, па тоа што го прават Петровски, Ирина Тошева и уште неколкумина, е голем чекор во модното будење на тој сегмент од оваа сцена… И овој пат, во колекцијата на Никола, машките модели беа подеднакво впечатливи како женските. Во целокупниот впечаток на пистата недостасуваа повеќе храброст во формите, поголема иновативност во кројот и соодветна интервенција на стилист. (А.Н.)
Нема коментари