Дизајнерката Ирина Тошева ја затвори втората вечер на овосезонскиот Моден викенд-Скопје со ревија за колекцијата „Риза“ наменета за пролет-лето 2016 во која прави спој на модерна технологија и автентични везови од домашната ризница. Таа превзема мотиви од богатата ризница на национални ракотворби и ги преобликува користејќи ја технологијата на тродимензионално печатење за да создаде креации со геометриска текстура како главен акцент, обоени во претежно пастелни тонови како лаванда-виолетова, минт-зелена и шербет-розова. Формите се прочистени, скоро минималистички, со повремени набори, преклопи и волуменозни елементи. Како и секогаш дизајнерката употребува музичка подлога од домашни бендови, овојпат тоа беше музиката на „Архангел“. Тошева соработуваше со архитектот Никола Кунгуловски и MK3D во реализизацијата на колекцијата, а ревијата е поддржана од My:Time и Министерството за култура на РМ. (Фото: Ани и Дими)
Нема коментари