Битолскиот дизајнер Никола Петровски ги сака и често ги применува ткаенините со принт, но оние од новата колекција за пролет-лето 2015 што ја прикажа вчера во рамките на Моден викенд-Скопје се чини дека се најпримамливи досега. Морски мотиви, магични слики на зајдисонце и призори кои изгледаат нестварно се отпечатени на неговите женски и машки модели, почнувајќи од фустаните, женските корсети, машките маици и панталони, краткиот комбинезон што го носеше манекенката Рене Вајт, а ги има и како постава на машките јакни. Покрај впечатливите принтови, Петровски вметнува и ткаенини во кои се преливаат јаки бои како портокалова и виолетова, како и доста светкав материјал кој го користи за вечерни фустани и за спортски парчиња, јакни и бермуди. Всушност, кај жените преовладуваат фустани и поелегантни креации, додека кај мажите повеќе среќаваме спортски предлози. Креаторот по светски терк прикажува колекција за наредната сезона, пролет-лето 2015, а ја нарече Moments of Pleasure (Моменти на задоволство). Тој своите моменти на уживање и задоволство ги пресликува на модни парчиња, доловувајќи живопосни предели и интензивна колорна палета во која сега може и другите да уживаат. (К.Т.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари