Креативниот директор на модната куќа „Диор“ Раф Симонс вчера во Париз ја прикажа новата колекција на висока мода за сезоната есен 2014. „Ми се чинеше многу модерно да погледнам во далечното минато за да соберам „модернизиран“ изглед од минатите децении“, со оваа мисла Симонс ја илустрира неговата свесност за значењето на наследството на легендарниот Кристијан Диор, начинот на кој презема историски дизајни од повеќе декадии и ги модернизира преку минималистичка естетика и повремена инспиративна екпанзивност во формата на облеката.
Дизајнерот ревијата што се одржа во музејот Роден ја почна со долги здолништа со широк круг, рококо референци и драматични тоалети со нагласена половина кои реферираа на 18 век, но успеа да нè однесе во друго време и простор преку „астронаутски“ креации со торбести форми и униформирани декорации. Колекцијата е ослободена од модни екперименти, а парчињата се доста носливи и ефектни, како на пример коктел фустаните, долгите палта во едвардијански стил, техно комбинезоните, романтичните шифонски фустани, костимите со мини здолништа…
Симонс продолжува да ја апсолвира модернистичката силуета што се базира на минималистички пристап, неговите креации се прочистени, но повремено вметнува и понагласени елементи како волуменозни кроеви, цветен дезен, елегантен вез и акценти од интензивни бои. Од модните додатоци голем впечаток оставија чевлите и чизмите до глужд со необична форма и дијагонални потпетици, а со ефект на градација на бои.
Ревијата за кутур колекцијата на „Диор“ неможеше да помине без неколку модерни дами вљубенички во креациите на Симонс и заштитни лица на куќата. Џенифер Лоренс и Ема Вотсон дојдоа облечени во креации од претходната колекција на висока мода на „Диор“, а на ревијата се појавија Шарлиз Терон во друштво на Шон Пен, Марион Котијар и Оливија Палермо.
Нема коментари