Модниот стил и облеката не го прават човекот, но многу кажуваат за него. Колку и да се чини површно, понекогаш личниот имиџ и надворешната појава можат многу повеќе да ве откријат, отколку зборовите. Тргнувајќи од значењето, но и потконтекстот на модните парчиња, нурнувајќи во личните ормари на поединците, скопјанките Ана Чаловска и Елена Везенкова направија веб-збирка со модни приказни за урбаните градски фаци. Овие модни репортажи ќе бидат публикувани на новиот сајт „Скопје се носи“, чија промоција е вечерва во Младинскиот културен центар во рамки на Super Design Pop-Up Store.
-Сајтот е посветен на омилените скопски ликови. Актуелни, ама и не толку јавно експонирани. Лицата со кои чекате ред на каса или на шалтер, кои очекувате да ги сретнете на искачанка, ги следите на „Фејсбук“, или едноставно, не знаете зошто, ја гаите мислата „има нешто посебно кај него/неа“… накратко, архива низ призма на стилот (на живот) на оние за кои Скопје вреди и се отелотворение на духот на градот…. Од Х причини, доцниме со реализацијата на сајтот. Идејата е навистина од поодамна… еве да речеме се „крчкаше“, еволуираше, и сè уште се развива. Започнавме наивно и без концепт, ги имавме на ум вообичаените тин-блогерки. Како што зреевме ние, созреа паралелно и идејата. Сега сакаме конкретна приказна, оригинални ликови и содржина. Ќе се обидеме сето ова да го извлечеме од нашево поднебје, на наш скопски терен. Вообичаениот скопски израз „се носи“ одлично кликна со идејата: Нечиј начин на живот претставен низ призмата на личен стил и начин на облекување. Во тоа и се состои автентичноста на сајтот-велат Ана и Елена.
Во проектот „Скопје се носи“ ќе се најдат многу јавни, но и не толку познати личности. Меѓу нив има поеднинци што активно се занимаваат со мода, како и ликови што немаат професионална допирна точка со нејзе, но приватно негуваат интересен стил, кој вреди да биде забележан.
-При изборот на нашите соговорници првиот критериум, кој спонтано се спроведува, е тоа да бидат „инспиративни личности, кои со својата аура веднаш се издвојуваат во толпа!“ Се стремиме да опфатиме разноврсни профили и возрасти, затоа што секој е „приказна“ за себе… Не станува збор за класични интервјуа. Едноставно ги оставаме луѓето да зборуваат за она што најмногу го сакаат и за нештата во кои самите тие си се препознаваат. На мета ни се повеќе луѓето со кои го делиме секојдневието, интересите, забавите, да ги доловиме круговите во кои се движиме и актуелните случувања-велат тие.
При реализација на модните портрети, тежнеат финалната приказна да ја доведат до што покомпактна целина, во која сликите и содржините комуницираат соодветно меѓусебно.
-Штом ја согледаме генералната рамка за една конкретна приказна, фотографиите и снимката од диктафонот сами го наложуваат меѓусебното поврзување, се лепат спонтано едни за други…самите ликови се инспирација за воведот. Но, не е секогаш така едноставно. Процесот на изгладување на таа хомогеност, да ја наречеме постпродукција, знае да потрае со денови-велат тие.
Иако се големи познавачи и вљубенички во модата, Ана и Елена, по професија се филолози.
-Нашето официјално работно место не е во релација со модата, но си ја сакаме работата и колегите, како и да е. „Скопје се носи“ е плод на нашите приватни интереси, во прашање е око за естетика, специфичен вкус и почит кон уникатниот стил. Народно кажано, нè „влечат“ тие работи, уште од мали нозе. И да, ја пратиме модата. Можеби не толку свесно и во никој случај не е опсесија во прашање, но, како по некоја инерција, во тек сме со актуелните трендови и ја имаме генералната претстава за моменталната ситуација и новитетите во модниот свет. Околу „Скопје се носи“ работат тимски, без стриктна подделба на задачите.
-Договор куќа гради! Засега, немаме фиксна распределба на обврските. Работиме заедно, дебатираме, преговараме… Најважно е дека имаме меѓусебно разбирање, сличен сензибилитет и се наоѓаме на иста бранова должина. Понекогаш еден поглед е доволен, веќе сме се разбрале: „aхам, тоа е тоа“. Имаме планови за развој на „Скопје се носи“ за во иднина, но најпрво да стартуваме. Чекор по чекор…Скопје има што да сподели-велат тие на крајот и ги покануваат сите љубители на модата, вечерва во 21 часот во МКЦ, каде што покрај триминутен сублимат на целата идеја ќе има забава со диџеј. Вечерва со свои сликарски перформанси на платно пред МКЦ ќе настапат и визуелните уметници Урош Вељковиќ, Mарко Георгиевски и Благојче Наумоски – Бане.
1 коментар