По три колекции, неколку промоции и многу следбеници во маици со препознатливите кул натписи, македонскиот колектив „Омајгад“, кој ја создава „Кирилицата што се носи“, на 13 септември (сабота) ќе го прослави својот прв роденден во кафе-бар „Љубов“.
-Кирилицата што се носи, кај и да е ќе прооди. Се наближува 13-ти септември, што значи дека помина една година од појавувањето на брендот „Омајгад“, чија примарна дејност е создавање на маички со кул натписи-вели графичкиот дизајнер Гоце Велески, кој стои зад брендот .
Етикетата веќе има свој препознатлив имиџ, особено добро се познати кул натписите испечатени на маици како: „Кул си као јас“, „Знаеш дека ти се свиѓам“, „Ќип калм и грми си“, „Мустаќи се кул, ама не ми стојат“, „Живеј го секој ден ко да е петок“, „Брат за брат, све за другари“, „Јас и ти се сакаме, ајде да се лапаме“…
Забавата ќе трае 13 часа, бројка која не е избрана случајно.
-Се мислевме што да правиме за роденденот, па на крај испадна да дадеме љубов во „Љубов“. Сакаме да биде целодневна дружба на убави луѓе, сплет на млади и стари и така во знак на среќниот број 13, да истераме тринаесет часа дружба со сите пријатели, познаници и тие што ќе станат нови пријатели на „Омајгад“. Освен дружбата во „Љубов“, по промотивна цена ќе се продаваат и маичките што останале од претходните колекции, а воедно за прв пат ќе има и постери во лимитирана едиција. Не сакавме да направиме нови маички, за да оставиме нешто за наредна година, али затоа направивме постери од неколку дизајни кои луѓето ги бараа-вели тој.
За добрата музика ќе се погрижат диџеите Game Over и Васо, а ќе има и т.н. „Омајгад коктел“.
Нема коментари