Дизајнерката на накит Елена Ристовска го промовира својот накит во Кина. Проектот Mirror, tell me who I am? го претстави на Интернационалната изложба на уметнички накит во рамките на Неделата на дизајн во Пекинг, што се одржа од 24 септември до 12 октомври, минатата година. Покрај креациите на Елена на изложбата имаше дела на уште 329 уметници од 45 земји.
-Мојот проект Mirror, tell me who I am го сочинуваат осум целини, а четири од нив отпатуваа во Кина. Како и во претходните мои проекти, така и тука, го земав кругот како основна форма, кој е антички, универзален симбол на единството и симбол на целоста, и кој го надополнува размислувањето и идејата на самото дело. Во ова дело буквално си играв со кругот, пресекував еден круг со друг, делчиња од еден вметував во друг, дури и оставив еден да биде цел-вели Елена.
Нејзиното размислување било насочено кон спознавањето на самиот себе, и колку на тој процес влијаат луѓето кои нè опкружуваат…
-Колку умееме да ги симнеме маските пред себе и пред другите?! И колку всушност нашите пријатели, нашите најблиски се одраз на нас самите?! И токму затоа делото го доби името Mirror, tell me who I am. Така што секое парче накит си има две лица, на некои од нив таа разлика може се воочи во првиот момент, а на некои парчиња накит таа разлика дури и не постои, минимална е. Во секој случај и двете „лица” се прекрасни, бидејќи се уникатни-вели таа.
Накитот е изработен од сребро, во комбинација со кожа. Со ова дело се претстави и на Уметничкиот фестивал во Охрид УФО 2013.
Елена, која повеќе години работа како дизајнер на накит, се памети по нејзиниата прва самостоја изложба I Believe In Fairy Tales за која изработи девет дела, (девет филиграни и исто толку чанти) преку кои ги раскажа остварените или неостварените соништа на најдрагите личности во нејзиниот живот.
-Многу беше интересен и возбудлив моментот кога токму тие луѓе си ги пронаоѓаа своите приказни во филиграните и чантите-вели таа.
Минатата година престојуваше во Данска, каде што посетуваше школо за дизајн и занаети. Таму се запозна со својствата, начинот на обработка на кожата и стаклото. Елена има дипломирано на катедрата за Историја на уметност. Додека студирала, паралелно ја посетувала и работилницата за филигран, и од 2008 година до денес изработува накит од сребро.
-Дипломската работа ми беше на тема Златарски техники, таа беше теоретско надополнување на знаењето што го стекнав на работилницата-вели таа.
Фотографиите за делото Mirror, tell me who I am ги изработи Верче Гроздановска.
Нема коментари