Дизајнерката Катерина Микрут често користи плетење во своите креации што ги потпишува со Mikka Design, а дел од своите искуства и идеи сподели со учесниците на работилницита за урбано плетење што викендот се одржа во рамките на фестивалот ДримОН во Струга во организација на „Инка“. Микрут не ја крие радоста од интересот и резултатите од работилницата, а горда е и на вториот примерок на урбано плетење што самата го иницираше во Македонија – исплетена бандера што пред Домот на културата во Струга го сработи заедно со учесниците на работилницата.
-Работилницата за урбано плетење имаше за цел да ја приближи оваа форма на улична уметност на граѓаните во Македонија. Урбаното плетење (urban knitting) е популарнo ширум светот, a неговите почетоци датираат од 2005 година. Движењето го започна Magda Sayeg од Хјустон. Таа почна да ги обработува сообраќајните знаци „стоп“ со плетени парчиња за да го разубави јавниот простор во градот во кој доминираше сивило. Од таму урбаното плетење се прошири низ другите градови во САД, па стигна и до Европа. Главната цел на оваа форма на улична уметност е разубавување на градското сивило, иако се случува волнените графити да се изработуваат и во други цели, на пример за да привлече внимание кон конкретни општествени проблеми. Исто така преку урбаното плетење се поставува прашање за користење на јавниот простор – вели дизајнерката.
Микрут ни објасни дека главната цел на работилницата во Струга беше да се приближи оваа форма на уличната уметност, но исто така да се покаже дека плетењето не треба да е врзано само со баби и со занаетот кој изумира.
-Целата беше да се покаже дека секој што има само желба може да се занимава со тоа. Голем интерес за работилницата покажаа неколку учеснички и посетители на фестивалот, но најголем, што многу пријатно ме изненади – децата почнувајќи од околу 7-годишна возраст. Една девојка се научи да плете додека траеше работилницата и тешко е да се најдат зборови колку беше среќна поради тоа. А јас се радував заедно со неа. Така со заеднички сили во времетраење од четири часа е исплетена бандера на улицата пред Центарот за култура во Струга. Ова е втор примерок на урбано плетење што го направив во Македонија – првиот до ден денес можете да го видите во Старата Чаршија во Скопје – изјави Микрут. (К.Т.)
Нема коментари