Единаесeтта година по ред на светско ниво се организира Моември, месецот во кој мажите на еден прилично ортодоксен, а оригинален начин ја подигнуваат свеста и собираат средства со цел подобрување на здравјето кај мажите. Кај нас се одбележуваа втора година по ред и наидува на сè поголем одзив. На поддршката на Моември се придружија дизајнерките Ирина Тошева и Кристина Манчева од Design & Berries и создадоа модни додатоци како пеперутка-врaтоврски, ѓердани, беџови, прстени и перничиња во облик на мустаќи, а средствата од продажбата на овие производи понатаму ќе бидат донирани. Дизајните ги промовираат со симпатична кампања во која ја пренесуваат идејата дека машкото здравје е и женска работа, ама и директо го упатуваат прашањето до мажите „Си бил ли на уролог?“, како потсетување на важноста на редовни прегледи. На креативниот проект им се придружија фотографот Владимир Видановски, шминкерот Виктор Мирчевски и моделите Бисера и Бојана Илијоски кои работеа на фотосесијата.
-Минатата година самите решивме да го дадеме својот придонес во светската Movember организација изработувајќи колекција. Подоцна нè исконтактираа од тимот на Movember Macedonia, решивме да се приклучивме и поминавме одлично. Оваа година решивме да ја прошириме колекцијата со повеќе производи. Додадовме бои и дезени, како и night glow елементи. Со Ирина до сега имаме работено на неколку проекти, па ја поканивме да ни се придружи – вели Кристина Манчева која со својот бренд Design & Berries втор пат е дел од овој настан.
-Нашите најголеми клиенти и следачи на социјалните мрежи се понежниот пол и затоа започнавме кампања со цел да покажеме дека и ние се грижиме за машкото здравје. Изработивме фотосесија и производи инспирирани од Movember, користејќи интересни натписи . До големиот мо-настан на 26 ноември следете ги нашите фан страници и учествувајте во кампањата. Ни значи секој купен производ, секое споделување и коментари – порача Ирина Тошева.
Донаторските производи ќе може да се порачаат од фан страниците на Ирина Тошева и Design & Berries, да се купат директно во ателјето на Тошева и на големиот Movember настан на 26 ноември што ќе се одржи во „Сити хол“ во Скопје. Собраните средства од продажбата ќе бидат донирани на Movember Macedonia и movember.com. (K.T.)
Нема коментари