Младиот дизајнер Мите Занов деновиве сними фотосесија за својата нова колекција за есен-зима 2016/17 наречена „Муза“ во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје. Моделите ги носи Весна Атанасова, фотографираше Никола Илиевски, шминката е на Елена Андовска, а за фризурата се погрижи самиот Занов.
-Колекција „Муза“ е мотивирана и создадена од вечната инспирација во уметноста – женското тело, неисцрпна тема подложна за безброј варијации во приказот и субјективно поимање кај секој автор… Опеана во стихови, извајана во мермер, опишувана во приказни и секако најотсликувана тема во историјата на сликарството. Убавината на женското тело не го оставила рамнодушен ниеден естета кој трага по идеалните форми, линии и бои. Жената отсекогаш била единствена, неповторлива, магична и боженствена ! Боженствена, затоа што во себе ги носи најубавите допири, убавина, благост и милина. Совршена убавина, гордост, сензуалност, нежност и грациозност, се главните карактеристики на жената која ме водеше да ја создадам оваа колекција, зашто тоа за мене претставува жената, муза и непресушна инспирација-вели Занов.
Линијата е ready to wear, инспирирана и создадена од жената, нејзината нежност, магичност, боженственост.
-„Муза“ е наменета за сите смели девојки и жени,кои се пронаоѓаат во инспирацијата и приказната. Соддржи 14 изгледи,односно 24 парчиња облека. Користени се висококвалитетни материјали, претежно природни материјали, штоф,кепер, чоја, кадифе, а исто така застапени се и еко кожа,вештачко крзно,растеглив тул. Естетски привлечна палета на бои, совршена за оваа сезона, почнувајќи од црна,кафеава,бордо,темно сина, златна. Просторот на Музејот на Современата уметност,како еден модерен објект, совршено се вклопи со колекцијата,почнувајќи од просторноста со која располага, чистината, светлината, магијата која постои внатре, затоа и не случајно се одбра како локација. Голема благодарност до МСУ, што ни излезе во пресрет за изработка на фотосесијата-вели Мите.
Моделите од колекцијата може да се набават преку неговата официјална Facebook страна-ZANOV, а во подготовки е и web страна,преку која онлајн може да се набаваат посакуваните парчиња.
Нема коментари