Славниот македонски дизајнер, што живее и работи во Лондон, Марјан Пејоски, ја претстави новата машка колекција на својот бренд KTZ. Ревијата се одржа вчера во рамките на Модната недела во Лондон, посветена на машката мода. Во своите предвидувања за наредната есен Пејоски го дизајнира мажот од иднината, користејќи древни и фолкорни шари од стари народи (од Африка, Јужна Америка, Блискиот Исток…). Неговите креации носат мистика, но се транспарентни, повеќеслојни, но едноставни, двобојни, а со широк стилски колорит…
Ги задржува унисекс, „стрит стајл“ и хип-хоп идентитетот на KTZ, со блузони, палта, јакни, панталони и блузи со нагласен волумен. Моделите се прошарани со принтови и тонови кои истовремено покриваат, но и откриваат многу лица на поеднинецот што ги носи. Модниот човек од колекцијата на Пејоски е просјак и милионер, рудар и космонаут, паган, хистијанин и муслиман, анархист, ученик, скејтер, бизнисмен, научник, рапер, уметник… Тој е сите лица на невидливите и видливи мажи што без предрасуди патуваат во минатото и кон иднината.
Марјан Пејоски го разработува брендот KTZ (Kokon to Zai) со Сашко Бежовски од 1997 година. По светскиот успех на етикетата што го носи неговото име, Пејоски сега е позветен на работата на брендот KTZ, кој доживува пробив во 2008 година. Дел од дизајнерскиот тим е и Јапонецот Коџи Марујама. Имаат соработувано со Top Shop и ASOS. Креации од KTZ имаат носено голем број на светски музички ѕвезди како Ријана, Рита Ора, Мајли Сајрус, Канје Вест, Џеј-Зи, Лил Вејн, Кјара…(А.Н.)
Нема коментари