Третата вечер на овосезонскиот Моден викенд-Скопје почна во знакот на младите и дебитантите кои треба да внесат нова енергија и свежина на сцената. Вечерта стартуваше со групна ревија на курсистите по моден дизајн од Центарот „Кариера Плус“ Радица Лазова, Оливер Атанасов, Ева Заева, Асмира Абази и Ивана Арсовска, кои се претставија под менторство на дизајнерката Ирина Тошева. „Симетрија и асиметрија, совршено и несовршено, ред и хаос, шаренила и монохроматско, добро и лошо, топло и ладно… 15 приказни од 5 млади дизајнери“, коментираат од „Кариера Плус“. Учениците на Ирина Тошева добија задача да креираат мини колекција на слободна тема, но со еден заеднички принт за секого – впечатлива графичка шара од шарени коцкички. Петорицата курсисти дадоа своја интерпретација комбинирајќи го принтот во разни форми, во комбинација со други бои и материјали, во кежуал и поженствени стилови, не заборавајќи дека модните детали и комплетниот стајлинг е важен елемент на секоја модна ревија.
Прва самостојна ревија на Моден викенд имаше уште една курсистка од групата на „Кариера Плус“, Марија Трајанова која сега креира под својот бренд наречен „Марсин“ и која шрто се претстави со колекцијата Million Voices. „Секогаш кога создавам нова креација го користам тој внатрешен глас кој често се менува и мене ми звучи како милион различни гласови од кои настана и оваа колекција“, открива Марија. Таа претстави колекција во која се насетува женски сексапил преку припиени форми, изрези и длабоко деколте. Доминираат бежовата, црвена и црната боја, базични бои кои се дел од сечиј гардеробер. Носечки дел од колецијата се деколтираните модели, палтата со детали со животински принт и креациите од ресеста такенина. (К.Т. Фото: Ани и Дими)
Нема коментари