Дизајнерката Силвија Михајловска која што креира под името на својот бренд „Алшар“ подготви предесенската мини колекција во која се среќава џинс, рачно цртање и бохо-стил, а која според авторката е предвесник на есенската колекција која е инспирирана од познатата модна блогерка Блер Иди (Atlantic Pacific).
-Оваа мала колекција наменета е токму за овој период кога времето се менува. Содржи најмногу палтенца, елеци, понча и килот-панталони од тексас и фустани во бохо-стил. Инспирацијата е од 70-тите години, интерпретирани во модерни парчиња кои се актуелни денес. Дел од парчињата се рачно цртани, односно „испрскани“ со боја како сликите на Џексон Полок. Оваа колекција е најава за есенската колекција која е инспирирана од блогерката Блер Иди – ни откри дизајнерката.
Модните парчиња може да се комбинираат меѓусебно и повеќе се наменети за денски комбинации. Со ова Михајловска најавува дека отсега освен фустани наменети најмногу за вечерни излегувања, во нејзиното ателје ќе може да се најдат и секојдневни парчиња облека.
-Материјалите во оваа колекција се природни. Одредени парчиња имаат поголем волумен со што сакав да додадам драматичност во креациите. Боите се сива, црна и бојата на џинс ткаенината, додека есенската ќе содржи повеќе нијанси на сива, бордо и темно розова боја, како и „потопли“ ткаенини – вели Михајловска.
Нема коментари