Ликот на Калеш Анѓа и македонските револуционерки се инспирација за новата модна колекција на дизајнерката Силвија Михајловска која што скоро една деценија креира под името на својот бренд „Алшар“. Новите креации таа ќе ги открие на модна ревија на 24 октомври, во 19 часот, во Хотел Мериот, во рамките на Моден викенд-Скопје. На претходното издание на Моден викенд, Силвија со „Моја Африка“ доби признание за најдобра колекција, а продолжи да креира и во периодот од едно до друго издание на FWSK. Следејќи го својот систем на работа созададе нови креации кои може да се најдат во нејзиното ателје „Алшар“ во центарот на градот, внимание привлече и последната есенската колекција Deep Blue, која што беше инспирирана од морските длабочини. Во пресрет на новата колекција и нејзината ревија на Моден викенд, со Силвија зборувавме за новите креации и инспирацијата.
*Во моментов ја привршуваш колекцијата со која ќе се претставиш на следниов Моден викенд? После Јапонија и Африка, инспирација пронаоѓаш во домашната иконографија, во ликот на Калеш Анѓа. Како ја развиваше приказната и како ја вметна инспирацијата во облеката?
-„Калеш Анѓа“ е зимска ready to wear колекција инспирирана од истоимената книга на Стале Попов, македонските жени револуцонери и борбата за слобода во секоја смисла на зборот.
*Од какви материјали е направена колeкцијата, какви бои и форми употреби?
-Креациите се изработени од кадифе, еко кожа, памучен кепер. Содржи 23 креации, од кои речиси сите се во црна боја (како симбол на бунтовниците) и неколку силуети се во црвена (како страст за сè што се бориме). Силуетите се со волумен и асиметрични, архитектонски форми со дискретна еротичност. На креациите се вметнати детали од македонските носии, апликации во форма на баклави, реси, метални копчиња, и метални патенти како асоцијација на редениците куршуми, но сè изведено во многу современ концепт.
*Дали планираш нешто посебно во однос на самата ревија, сценографијата, музиката?
-Можам да откријам дека во однос на музиката ќе биде тоа избор од Кирил Џајковски и слични македонски артисти.
*Како Калеш Анѓа ќе ја пренесеш во денешното, модерно време? Какви жени замислуваш како современи Калеш Анѓи?
-Секоја креација е визуелна асоцијација на моќна модерна бунтовничка, на жена борец, жена со јасно изразен став.
*Минатата сезона доби признание за најдобра колекција на Моден викенд, кои се твоите очекувања во однос на новото претставување? Ќе ја оправдаш наградата, подготвуваш нешто уште подобро?
-Иако не е прво такво признание, сепак за мене и мојата работа претставуваше голема чест и поттик. А јас како креативец независно од какви било признанија, секогаш се трудам во моите креации да го дадам максимумот од себе и да создавам прекрасни парчиња облека.
*Што значајно се случи во периодот меѓу минатото и сегашново издание на Моден викенд? Позната си по тоа што покрај официјалните колекции прикажани на ревии на овој настан, постојано креираш нови и нови колекции кои се продаваат во твоето ателје, па што подготви во минатиов период?
-Мојот принцип на работа подразбира најмногу уникатни парчиња облека и мали лимитирани серии, тоа значи константна изработка на нови креации создавање на колекции за секоја сезона или одредени настани. Пред „Калеш Анѓа“ имавме есенска колекција наречена Deep Blue инспирирана од сите бои на морето, која беше романтична, бохо и многу женствена.
*Што после Моден викенд? Дали очекуваш колекцијата да заживее меѓу домашната публика, ама дали планираш и конечно да се презентираш надвор од Македонија?
-После FWSK во текот на ноември се подготвувам за учество на уште два проекти-ревии со мои креации и секако надополнување на колекцијата „Калеш Анѓа“ со покежуал зимски парчиња, како и новогодишна мини колекција со лимитирана серија на вечерни креации.
Нема коментари