Фотографија со македонската модна блогерка Јована Зука се најде на онлајн изданието на престижниот британски Vogue. Тимот на влијателниот магазин прво ја сподели фотографијата од авторката на блогот aftertwofive.blogspot.com на Facebook, а сега и на нивната веб-страница, како една од 13-те street style фотографии за јули.
-Британски Vogue им дава преубава можност на своите читатели да споделат фотографии на кои ќе го прикажат својот личен стил и своите модни комбинации. Од испратените фотографии, тимот на Vogue избира мал дел кои ќе се појават на нивната Facebook страна, а уште помал и во You’re All Wearing – секцијата на нивната веб-страница. Знаејќи го тоа, и јас решив да испратам своја фотографија сликана за еден од последните постови на мојот блог. Бев љубопитна да видам дали и што за неа ќе има да каже Vogue ! И… Се случи најубавото! Прво ја споделија на Facebook, а сега и на веб, како една од 13-те street style фотографии за јули! Ова е без конкуренција најубавиот комплимент што го имам добиено во животот, а и блогот ми е најсреќен на свет-вели видно возбудена Зука.
Јована Зука важи за една од најатрактивните и најследени македонски блогерки. Блогот aftertwofive.blogspot.com, кој е со висока естетика и истенчен стилски и моден вкус, постои две години.
-При основањето на блогот сакав да направам простор кој ќе биде во целост оригинален и личен, без едиторијали, без улична мода, без било каква модна фотографија чиј автор е некој друг. Сакав да се чувствувам сигурно дека содржината која ќе ја презентирам ќе ме отсликува целосно и дека ќе биде доволно квалитетна за да ја споделам. Сакав да биде мој мал печат во една многу сатурирана индустрија, но истовремено индустрија која премногу ја сакам. Името After Two Five (или After 2/5) е игра на зборови и броеви поврзани со период од мојот живот кој за мене е од особена важност. Од самиот почеток до сега, преку блогот ја развивам својата првична замисла да создадам свој онлајн простор во кој ќе бидам кустос на мини фотоизложби. Секој пост го третирам како засебен едиторијал дополнет со краток преглед на моите модни инспирации, ставови и размислувања. Читатели и следбеници има насекаде и реакциите се одлични. Публиката или целосно ја разбира мојата модна философија и се пронаоѓа во истата, или потполно им е туѓа-ни изјави таа.
1 коментар