По објавата на фотографија на онлајн изданието на престижниот британски Vogue во јули, македонската модна блогерка Јована Зука ја завршува оваа година со уште една меѓународна публикација, овој пат на сајтот на „Њујорк магазин“. Фотографијата од авторката на блогот aftertwofive.com се најде во објавата „16 Начини како да носите удобна ќебе-марама оваа есен“ на веб-страницата nymag.com. Симпатичната блогерка била изненадена кога видела дека тимот на New York Magazine ја вклучил нејзината фотографија од постот PARKING LOT во оваа листа.
- Објавата на The Cut на New York Magazine е од 31 октомври, но јас вчера сосема случајно налетав на неа. Воопшто не знаев дека мојата фотографија завршила како една од шестнаесетте вклучени во овој напис и спонтаноста на тој факт уште повеќе ме радува. Призанието од овој тип, кое доаѓа од еден од најрелевантните извори за мода во светот, е убедливо најсовршениот новогодишен подарок и најубавиот завршеток на 2014 година за мене и за After Two Five-ни изјави таа.
Јована Зука важи за една од најатрактивните и најследени македонски блогерки. Блогот www.aftertwofive.com, кој е со висока естетика и истенчен стилски и моден вкус, постои две години. (А.Н.)
Нема коментари