Откако минатата сезона на Моден викенд ја претстави „Големата убавина“, колекцијата која наиде на позитивни критики и oдличен прием, со нетрпение го очекуваме следното нешто од Јована Филиповиќ. Креаторката в петок, 31-ви март, има задача да го отвори новото издание на Моден викенд-Скопје, со ревија која меѓудругото ќе заокружи соработката со брендот „Пелистерка“, кој ја прогласи за победник на конкурсот за најдобар дизајн на шише на настан во рамките на оваа модна манифестација пред пет години, поддржувајќи го нејзиниот дизајн кој се развиваше во следниот период и ја искачи во врвот на домашниот моден дизајн. Сега Јована ја најавува новата колекција која е инспиририрана од водата, што пак неслучајно асоцира на компанијата„Пелистерка“ и нејзиниот најпознат продукт – водата во шише.
Овој петок го отвораш новото издание на Моден викенд со ревија со која ќе дадеш омаж на соработката со „Пелистерка“, што пак алудира на награда што оваа компанија ти ја додели пред пет години токму на оваа манифестација. Што се мисли под ова омаж, нова колекција или ретроспектива?
- Да, почетната точка за правење на колекција беше петгодишнината на соработката со „Пелистерка“, меѓутоа станува збор за сосема нова колекција, за пролет-лето 2017. Во изминативе пет години имавме многу заеднички проекти, ревии и некако сакавме да ја заокружиме и одбележиме таа соработка. Затоа решивме тоа да биде преку модата и на настан на кој што почнавме и всушност да соработуваме.
Каква колекција ќе видиме овојпат на Моден викенд?
- Инспирацијата и темата на колекцијата за пролет-лето 2017 е водата. Овојпат жената ја прикажав на два различни начини, како што е и водата всушност. Навидум мирна, спокојна и совршена, а од друга страна толку брановита, моќна и силна. Ќе има контраст на модели, бои и текстури, а сето тоа ќе биде надополнето со специјално изработен накит на „Еклектика“, брендот позади кој стојат Моника Лозановска и Александар Милев.
Како е замислена ревијата, претставувањето, дали ќе има нешто ново и специфично?
- Самиот простор оваа година е поинаков, претставувањето на моделите, музиката. Меѓутоа не би откривала сега сè, ќе видите сами на 31-вимарт.
Колку се сменија работите во последните пет години? Колку напредуваше твојата кариера и твојот израз благодарение на поддршката на „Пелистерка“ и Моден викенд?
- Пред пет години сè уште бев на почетокот на кариерата и ми требаше поддршка за да можам да ја насочам мојата креативност на правиот пат. Благодарејќи на Моден викенд и „Пелистерка“, успеав да изградам македонски бренд кој можеби полека, но сигурно ги пушта и расте своите корени на ова мало парче земја. На 31-ви март ќе ја прикажам мојата нова колекција која претставува уште еден поинаков раст, уште едно големо искуство во низата, на кое што сум навистина горда.
Последна колекција „Големата убавина“ доби позитивни критики и креациите се најдоа на насловните страници и во списанијата, го почувствува ли тој успех и таа повратна реакција од публиката? Колку беше барана колекцијата во твоето ателје?
- Публиката и клиентите се мојот двигател за нови работи и нови колекции. Ми значи нивното мислење, реакции и критики. А уште повеќе ме радува фактот дека сè повеќе и повеќе девојки го пронаоѓаат својот сензибилитет во моите дизајни. „Големата убавина“ доби најголема експонираност и најголема продаваност до сега, а се надевам дека така ке биде и со колекциијата за пролет-лето 2017.
Чувствуваш ли дека е време за интернационален пробив? Кои се твоите планови за следниот период?
- Да, веќе мислам дека сум спремна за ширење на пазарот и пласирање на ЈФ надвор од Македонија.
Дали во креирањето на колекцијата се водеше според мотото на овој Моден викенд, Pure Individuality? Што за тебе всушност значи индивидуалност во моден аспект?
- Секоја личност има индивидуалност кога станува збор за модата. Можеби не секој знае да го препознае и истакне тоа, меѓутоа верувам дека сите ние го носиме тоа во себе. Да си индивидуален, значи да си „посебен“ и уникатен, но на свој начин. Начин кој те истакнува и издвојува од другите.
3 Коментари