На саемот на луксузна еколошка мода Fashion strikes во емиратскиот град, нејзиниот ѓердан кој е заштитен знак на последната колекција „Дилбер стана“ беше спореден со почетоците на Ив Сен Лоран, а нејзините креации помина одлично и во однос на продажбата. На настанот во Абу Даби се претстави токму со „Дилбер стана“, премиерно прикажана на последното издание на Неделата на дизајн во Скопје, но во нешто видоизменета и доработена верзија. Со Ивана Кнез разговараме само што се врати од Абу Даби и таа за Stylist.mk откри неколку фотографии од престојот и ни ги раскажа импресиите.
-Учеството на настанот се случи благодарение на Даниела Милошеска и нејзиниот сајт за онлајн-продажба Bastet Noir, на кој „Драма“ беше забележан како бренд од страна на организаторите на самиот настан и повлече ние да бидеме дел од него. Заедно со Даниела организиравме експедиција со која преку „Драма“ ја прикажавме нашата земја во најдобро светло.
Настанот се одржа за првпат во Абу Даби и е генерално иницијатор за самодржлив животен стил. Поголемиот дел од излагачите таму претставуваа нешто што се нарекува еколошки луксуз, рециклирана мода, самоодршливо живеење и паметно живеење (smart living).
>>Иако си препознатлива по креирање накит, во Абу Даби фокусот го стави на облеката. Зошто?
-Тоа што одовде ме доживуваат како дизајнерка на накит, не значи дека истото се случува и надвор од границата на Македонија. Покрај накитот, „Драма“ покрива и ready-to-wear линија и couture линија на облека (иако многу внимателно треба тој збор да се користи на овие простори). Во Македонија сум најмногу сконцентрирана на накит, но не значи дека тоа и ќе продолжи. Специфичноста на самите производи и севкупниот Драма-стајлинг е сепак поинаков од сè што се нуди на пазарот. Сепак, станува збор за дизајнерски парчиња.
>>Мала претпремиера на колекцијата што ја претстави во Абу Даби видовме на Скопскиот фестивал кога Катарина Ивановска се појави во твоја креација. Како изгледа остатокот од колекцијата?
-Да, прекрасната Катарина носеше еден од фустаните. Мислам дека во моментот кога таа го облече, сфатив што и како сум направила. Таа е посебна личност со посебна убавина.
Инаку, фустаните беа доработувани и дополнително везени по првото претставување во Скопје, а неколку ќе бидат изложени на продажба во студио „Драма“ пред крајот на оваа година. Овој пат не направив комплетен едиторијал, сакав акцентот да се стави на модното видео снимено за потребите на самата колекција.
>>Саемот беше продажен. Па како помина? Задоволна ли си од целосното претставување?
-Одлично! Се работи за сосема поинаков пазар од нашиот, каде цената воопшто не е во прашање. Дури и тоа што кај нас е премногу, таму е недоволно. Нарачките се полуксузни и поинтензивни за разлика од кај нас. Концептуалните продавници се позаинтересирани и многу точно дефинирани, како и самата целна група на клиенти. Од следната година ќе почнам со поинтензивно претставување на „Драма“ на тој пазар.
>>Тематика на настанот е „Луксузна еколошка мода“. Колку го поддржуваш овој концепт и чувствуваш ли одговорност за креирање мода само од еколошки материјали?
-Пред девет години за прв пат се запознав со концептот на smart living и smart fashion, а со самото тоа со еколошката и самоодржлива мода. Лидија Георгиева ме задолжи со тоа што многу повеќе ме посочи кон тоа што претставуваат овие термини и колку е Македонија далеку од тој концепт. Во моментов една линија на производи во „Драма“ поддржуваат еколошка и рециклирана мода во луксузно издание. Кај нас поинаку се гледа на целиот концепт, свеста на луѓето овде генерално е на многу ниско ниво за нешто што е „смарт ливинг“ во светстки рамки, а и за жал, така налагаат самите услови. Но, мислам дека со текот на времето и ние ќе станеме дел од светската екипа која се залага за поинаков животен стил од вообичаено.
„Драма„ беше претставена како different exquisite couture (поинаква исклучителна висока мода), а ѓерданот што е заштитен знак на колекцијата беше спореден со почетоците на Ив Сен Лоран. Луѓето беа воодушевени, дури и неколку производители на накит останаа без здив.
Се запознав и се зближив со повеќе изложувачи од кои сопственичката на Fragance Du Bois, луксузни ексцентрични мириси наменети за источниот пазар, потоа I LYY LUCKYNELLY by Christine Rothlitz, која произведува марами од еколошка свила за која не умираат бубачки и аксесоари од дрво, плута, па дури и од камен кој може да се шие.
>>Каков впечаток ти остави градот, луѓето, модата?
-Градот е ладен, пред сè богат, со исклучителна архитектура, луѓето се дистанцирани, професионални, точно знаат што сакаат. Модата е поинаква, дури и светските туристи се прилагодуваат на условите и тамошните барања. Абу Даби е злато, највисококвалитетни материјали, сјај, излози на продавници како музејски поставки, богати трговски центри со исклучителни поп-ап продавници, локални поклоници на светската мода која мириса на ориент… Дури и Том Форд има специјално издание на парфем, Sahara Noir Perfume, кој верувајте, не ве остава рамнодушни.
>> Кој е следен чекор за освојување на светската модна сцена?
-Оваа 2013 беше исклучителна година за „Драма“, со одлични успеси постигнати овде и надвор од Македонија. Следен чекор е една мала пауза, сепак и јас морам да застанам на момент, а потоа во некои следно интервју ќе ги објавиме следните остварувања.
Нема коментари