По премиерното прикажување на колекцијата „Енхалон“ во Скопје во рамките на Моден викенд-Скопје, дизајнерката Ирина Тошева креациите наменете се пролет-лето 2015 ги претстави пред словенечката модна публика. Како претставник на Македонија таа на 13 април учествуваше на Модната недела во Љубљана, во вечерта посветена на балканската мода, заедно со колешките Марина Обрадовиќ од Хрватска и Милица Вукадиновиќ од Србија.
Тошева во Љубљана ја прикажа последната колекција „Енхалон“ во поинаков стајлинг од скопската презентација. Словенечките познавачи на модата беа воодушевени од кроевите и вивидните бои кои лесно би можеле да се вклопат во космополитскиот живот на Сен Тропе, а и секојдневието. „Колекцијатае многу женствена и мирна – како водата“, пишува ILoveFashion.si, констатирајќи ја инспирацијата зад моделите, додека словенечкото издание на Elle вели дека колекцијата е „слободна, аморфна, мирна, ладна, но и дива и моќна“.
-Ваквите презентации се одлична можност за прикажување на светот дека и македонската мода е извозен производ. Љубљана е прекрасна и наидов на многу позитивни коментари од медиумите и блогерската заедницата“, изјави дизајнерката.
Од викендов колекцијата ќе биде достапна за продажба во нејзиното ателје во Скопје, во Lotus Design Store во „Скопје сити мол“ и низ целиот свет на irinatosheva.com. (К.Т.)
Нема коментари