Љубовта кон природата е главниот мотив за новата пролетна колекција што Ирина Тошева ќе ја претстави на 1 април во рамките на Моден викенд-Скопје и во која таа најавува нова доза на ведри бои и шари и две соработки, со еден американски уметник, и со наш дизајнер на накит, чии идентитети ќе ги дознаеме на самата ревија. А има уште соработка што веднаш ќе ја откриеме, со дизајнерот Алмир Мили која ја направи модната илустрација со која се најавува колекцијата. Новата колекција ќе биде во духот на креаторскиот израз на Ирина и повторно ќе бидат тоа креации за нејзината вообичаена целна група – сите вљубеници во боите и младешкиот полетен дух.
Ирина исто така најавува колекција со еко-предзнак и со која сака да ја подигне јавната свест за грижата кон животната средина и покажување поголема љубов кон природата, па зборувавме за нејзиниот своевиден моден активизам, тенденција која се распламти и на глобално ниво, како и за повеќегодишната ангажираност на нашата дизајнерка во проекти со разни цели.
Како една од поредовните дизајнери на Моден викенд, ќе те видиме и на ова најново идание. Со што ќе се претставиш овојпат? Со каква колекција?
-Колекцијата за пролет-лето 2017 се фокусира на покажување на поголема љубов кон природата. Дезените се соработка со американски уметник, а материјалите се еколошки, од органско потекло. Модните додатоци претставуваат минијатурни пејсажи од природата и се соработка со наш дизајнер на накит.
Најавено е дека твојата колекција има за цел да ја „подигне јавната свест за актуелно насушната потреба за грижа кон животната средина и покажување поголема љубов кон природата“, ќе ни го објасниш ли ова, како идејата е вметната во колекцијата?
-Жители сме на планета со загрозена средина. Ова глобално прашање станува се поалармантно и сите треба да размислиме што правиме за подобрувањата на состојбите дури и на ниво на индивидуи. Се трудам и преку својата работа да зборувам за важноста на заштитата на природата. Дизајните говорат за ова, а и презентациите на колекцијата преку фотосесијата што следи.
Често се вклучуваш во хуманитарни настани, проекти кои имаа цел за подигање одредена свесност, од каде поривот да бидеш ангажирана и во кои проекти досега си учествувала?
-Моето активирање во граѓански организации се случи многу порано од моето градење како дизајнер, па склопот на двете нешта беше логично следство. Неретко размислувам и целам како преку она што го правам да повлијаам на другите, пренесувајќи одредени вредности и различни пораки. Уметниците, дизајнерите… креативците генерално се луѓе што умеат да пренесат поинаков светоглед, па оттука произлегува одговорноста да ги менуваме нештата околу нас на подобро.
Проекти има навистина многу, би издвоила само неколку. Со уличниот магазин „Лице в Лице“ и Кнауф го водев проектот „Силни торби за силни социјални промени“, правејќи дизајн на торба од реупотребени вреќи за гипсени материјали, бев стилист на „Гушни ја реткоста“ на кој беа фотографирани јавни личности и луѓе со ретки болести во соработка со „Лице в Лице“, здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ и Националната алијанса за ретки болести. Со La Dama дизајниравме лимитирана серија хулахопки донирајќи триесет проценти од секој продаден пар за помош на бездомните животни. Дел сум од кампањата на Конект „Да донираш е љубов“, а преку нивниот сервис за поврзување на бизниси и граѓански организации неодамна потпишав и меморандум за соработка со Порака Наша Куманово, обезбедувајќи менторирање, дизајн и прототип на производи кои потоа ќе ги изработат лицата со попреченост како дел од нивната работна интеграција.
Потребата да се поттикне солидарноста, што верувам дека постои како основа на секое човечко битие, е многу важна и секое однесување што е насочено кон општото добро потребно е да се пренесе и поддржи.
Задолжително вклучуваш македонска музика на ревијата, што ќе слушаме овојпат?
-Овојпат нашето секојдневие и своите мисли ги пронајдов во стиховите на Д.Н.О.
Нема коментари