Иако е сè уште средношколец Виктор Цветановски веќе две години е дел од модата, има претставено два проекти на Моден викенд-Скопје, модната манифестација за која сега работи, а по учеството на ПОП! Мода во Американската амбасада пред две сезони, како еден од победниците на проектот на престојното издание на FWSK ќе се претстави на заедничка презентација со Алмир Мили и Ана Камчева. Новата капсулна колекција што сега ја подготвува е инспирирана од повеќе компоненти кои формираат една целина. За Stylist.mk тој откри дека инспирацијата генерално секогаш ја извлекува од современата архитектура, напредокот во технологијата, современата уметност и урбаното живеење.
-Покрај овие компоненти оваа сезона се инспирирав и од геометриските инсталации на италијанскиот уметник Естер Стокер, од структурата на металите и искршеното стакло во комбинација со монохроматска транспарентност – вели Воктор и ни прикажа колаж од референции кои му служат како moodboard за колекцијата.
Архитектонскиот пристап во кроевите и монохроматските тонови со силен акцент на металик парчињата зборуваат за техолошките новитети во изработката на материјалите и формираат еден приказ за жената од иднината.
-Експериментирам со повеќе текстури и користам широк спектар на материјали. Кај нас е навистина тешко да се најдат соодветни материјали за да се направи естетски издржана prêt-a-porter колекција, па затоа во комбинација со тоа што го најдов овде вметнав и материјали од Италија и Шпанија кои направија одлична кохезија во колекцијата – откри Виктор.
Според младиот дизајнер кога работите во модата неминовно е да ги следите трендовите и генерално сите новитети кои ги пласира модната и текстилната индустрија, па така Виктор ни најави дека во неговата колекција ќе забележиме повеќе трендови од оваа и тенденции за трендовите за следната сезона.
- Додека ја создавав колекцијата размислував за жените од иднината и нивните потреби како потрошувачи на модната индустрија и во кој правец се движи модата рамо до рамо со иновациите во технологијата за изработка на нови состави за материјали. Веројатно жената што ја гледам во своите модели е современа, има прочистена естетика и живее со духот на времето.
Неговата презентација ќе биде изведена преку моден перформанс кој ќе се одржи во салонот на Ауди и Порше и Виктор вели дека нема да биде ни одблиску секојдневна презентација на облека. Периодов сè уште размислува на таа тема, по презентацијата, зависно од тоа како ќе биде прифатена колекцијата, ќе одлучи како ќе ја пласира во иднина. Засега нема регистрирано модно ателје.
Виктор смета дека најзначајните моменти во неговата кариера допрва доаѓаат, покрај сите работни ангажмани околу подготовката на колекцијата и обврските во организацијата на Моден Викенд-Скопје, тој сепак е ученик во трета година во Средното училиште за применети уметности на смер Дизајн на облека. Пред две години почна го претстави својот прв проект во Амбасадата на САД, следната сезона стартува со работа за FWSK, а сезона потоа имашe два свои проекти во склоп на Моден Викенд. До сега има работено на низа проекти кои вклучуваат стајлинг, снимања на реклами, рекламни кампањи, едиторијали и модни ревии.
Нема коментари