Модниот дизајн и фотографијата се поврзани и се испреплетуваат и надоградуваат, што одлично се отсликува во професионалниот пат на Македонката Павлина Поповска, која после дипломата за моден дизајн на Академија Италијана во Скопје, замина во Лос Анџелес каде што магистрира фотографија на тамошниот кампус на Њујоршката филмска академија. Оттогаш ги балансира на овие две уметнички полиња, иако повеќе со фотографски ангажмани со дизајнери и актери, но исто така и со костимографија и снимање на филмови. Периодов за враќа на модниот дизајн и креира неколку парчиња кои ексклузивно ги открива на Stylist.mk, а ни ја претстави и последната фотосесија што е објавена во јунскиот број на Obscurаe Magazine.
Првата информација за твојата професија е фотограф со дизајнерски бекграунд со Лос Анџелес како место на живеење и работење. Како една Македонка што студирала моден дизајн стана фотограф со магистерски студии на New York Film Academy?
-Љубовта кон уметноста се појави уште кога бев петто одделение на час по ликовно кога имавме вежби за мешање на боите. Посветеноста кон цртањето ми донесе награди во ликовната уметност со што ја потврди мојата насока кон креативните уметности.
Големо влијание и инспирација на патот кон изборот на мојот факултет се роди во времето кога мајка ми шиеше облека а јас бев нејзиниот дизајнер којшто ги црташе моделите. Се запишав на факултетот за моден-дизајн на Академија Италијана во Скопје.
За време на студирањето дел од моите модели учествуваа на модните писти во Фиренца-Италија.По завршувањето на факултетот работев во ОКИТЕКС за познатите брендови МАКС-МАРА и ПИНКО.
За сето ова време моето хоби фотографија резултираше со аудиција за магистерски студии во САД и одговорот беше позитивен. Во Лос Анџелес се случија и моите професионални изложби.
Сега си во Лос Анџелес. Како те однесе патот до центарот на филмската индустрија, градот во кој може да се оствари американскиот сон, но и лесно да се скршат соништата. Како изгледа твојот живот таму?
-Лос Ангелес а голема инспирација и центар на сите уметности. Многу од модните фотографи и модни дизајнери живеат и работат тука. Многу е интересно да се живее и твори во Лос Ангелес. Секогаш наоѓам креативни луѓе со кои соработувам и правам нови проекти. Се запознав многу повеќе со светските збиднувања и различните култури поради миксот на луѓе од различни националности кои живеат и престојуваат тука.
Направи и фотосесија со актерот Ненад Николовски на локација во Universal Studios и низ Лос Анџелес… Како двајца Македонци се најдоа во Холивуд и како одлучивте да направите заеднички фотографии?
-Ненад го знам уште од основното училиште во Берово. Како двајца Македонци на кои патиштата им се вкрстуваат баш овде во Њујоршката филмска академија и ги водат слични амбиции не ни преостанува друго освен меѓусебно да соработуваме. Веќе имаме остварено неколку заеднички проекти.
Спомна дека таму сте неколку Македонци кои се поддржуваат…
-Покрај Ненад тука е и неговиот брат Никола Николовски кој што учи режија исто така на Њујоршката филмска академија. Долгогодишното меѓусебно познавање влијае многу позитивно на нашата соработка. Тоа што веќе ја познаваш личноста и со тоа го познаваш начинот на кој размислува и функционира не прави совршени партнери. Според мене довербата и отворената комуникација кои што ние веќе ја имаме остварено е клучна за успешна соработка. Заеднички остварен проект ни е трејлерот за филм The witness.
Со што се занимаваш конкретно во моментов, какви ангажмани имаш и каков е профилот на клиентите?
-Моментално работам на неколку проекти. Едниот од нив е враќањето кон модниот дизајн. Подготвив неколку парчиња што ексклузивно ги прикажувам на Stylist.mk. Други проекти опфаќаат фотографски ангажмани со дизајнери, актери, но исто така и костимографија и снимање на филмови.
Што е потребно за да се направи добра фотографија?
-За мене најбитна е идејата. За добра фотографија која има уметничка вредност и содржина сепак клучни се повеќе работи како стил, информираност, композиција, искуство и порака кон гледачите. Тоа е нешто кон кое се стремам како профеционалец во оваа област.
Каков вид на фотографија најмногу те интересира, во твоето портофлио гледаме доста модна и портретна? Дали модните студии ти помагаат при модните фотосесии?
-Да, дефинитивно.Тоа што највеќе ме интригира е токму објект во моите фотографии, а тоа е луѓето, облеката, психологијата.
Омилени фотографи?
-Мојот омилен фотограф е Tim Walker- кој е портретен и моден фотограф, но големо влијание имаат и многу фотографи од областа на фините уметности од САД за чие што творешто се запознав за време на магистерските студии. Едни од повлијателните се Duane Michals, Cindy Sherman, Robert Heinecken…
Постојат ли трендови во фотографијата и колку тие влијаат во твојата работа?
-Секако дека постојат и во значајна мера влијаат врз визуелниот дел од сликата. Мислам дека секој период има свој специфичен стил. Но најдобри се фотографиите што се безвременски.
Што сè досега имаш сработено?
-Имав две поголеми изложби, мојата магистерска изложба Inside – Out и групна изложба со моите фотографии под име ЛА-свет во хартија. Работев на документарец за Saul Turteltaub, значајна фигура во американската телевизија кој што е во подготовка за испраќање на фестивали. Една поголема публикација која се случи токму сега во средината на јуни е за едиторијалот The Travelers во соработка со ексцентричната дизајнерка Julieta Kleven во магазинот Obscurаe Magazine. Истотака значаен евент кај што бев ексклузивен фотограф преку компанијата Royal Gor е Brant Shapiro Event кај што беа собрани многу од познатите актери и шоу бизнисмени.
Некои од твоите проекти се Who am I? и Inside Out. Кажи ни нешто повеќе за овие серии фотографии…
-Тоа се два лични проекти. Who am I? е проект за кој што бев инспирирана од италијанската кинематографија, поконкретно од филмот „Црвената пустина“ од Микеланџело Антониони и од фотографката Синди Шерман. Се работи за девојка која е во изолација и потрага по љубов. Тоа е прикажано преку нејзиниот сексапил и околината на индустрализација која ја објаснува самотијата во голем град. Проектот „Од Внатре-Надвор“ е проект кој ми беше завршен проект на магистерските студии. Тоа се портрети со вистински приказни. Идејата беше тоа што е внатрешна приказна на личноста да се изнесе надвор преку фотографија принтана на маица. Сакав да ја вклучам модата како начин на себе изразување и избрав бела маица како подлога за фотографија. Сепак крајниот продукт беше фотографија на личноста облечена во маицата.
Дали ти недостасува креирањето или повремено сепак креираш? Таа приказна со дизајнот веројатно не е завршена?
-Приказната со дизајнот беше ставена на пауза затоа што моето внимание беше насочено кон фотографијата. Иако одреден период креирањето беше само составен дел од моето слободно време, завзема голем дел од моите амбиции. Заедно со стекнатото знаење од новите области и дизајнот сакам да основам свој бренд.
Која е твојата желба и цел во моментов во однос на професијата? Која би била работата од соништата?
-Сега фотографијата е тоа што го работам, но има многу области кај што се чувствувам креативна и што сакам да ги работами од кои една е се разбира моден дизајнер, друга е стајлинг, работа на филм на кинематографија и костимографија.
Веќе некое време живееш надвор од Македонија, но колку следиш што овде се случува на полето на дизајнот и фотографијата?
-Македонија е мала и ги следам уметничките збиднувања. Многу од луѓето кои се во модниот дизајн ги познавам лично од Академија Италијана и би сакала да соработувам во иднина со нив. Евдокија Лиере е фотограф со која сум соработувала и ми е една инспиративна личност со која сакам да работам во иднина на заеднички проекти. Мислам дека сега имаме голем напредок во модниот дизајн и фотографијата во смисла на стил (нема толку кич како што имаше додека јас бев на модни студии). Сметам дека имаме голем талент и инвестициите во уметноста се зголемени, така да позитивно гледам на нашата уметничка сцена.
Нема коментари