Љубовта како инспирација, движечка сила, порив, страст за создавање уметност… Љубов насликана на сликарско платно, а од платното со љубов сошиена облека, за да ти ја топли душата кога љубовта си отишла. Љубовта како секојдневие, уметноста како живот… Таа е главна инспирација за новата колекција на етаблираниот креатор од Битола, Никола Петровски, кој ќе се претстави на Модниот викенд- Скопје и на Битолската модна недела.
-Во колекцијата преовладуваат потемни бои и шари како од сликарски платна, а повеќето од моделите се и рачно досликани. Формите на моделите се инспирирани од 70-тите и 90-тите години од минатиот век, а материјалите се претежно природни (волна, памук, лен) или мешавина со вискоза, полиестер или ликра. Моделите се наменети за луѓе со слободен дух, храбри и сигурни во себе и своето јас. Музиката е секогаш составен дел од процесот на создавање на една моја колекција и додатна инспирација и на ревијата ми служи да го долови во целост духот на колекцијата-вели Петровски
Тој е еден од ретките наши дизајнери што создава модели за двата пола, но и кој има доволно храброст и визија да претстави колекции една сезона претходно. Така, додека другите креатори подготвуваат модели за актуелната пролет-лето сезона, тој на Модниот викенд ќе ја промовира својата линија за есен-зима 2014/15.
-Одлуката за претставување на колекција една сезона порано, како што е и светскиот тренд, не беше од некоја финансиска причина, туку од поривот за самотестирање и самодокажување колку можам да се носам со светските модни тенденции без претходно влијание од колекциите на извиканите модни имиња. Секогаш се трудам да си поставам и достигнам нови стандарди во она што ќе го презентирам пред јавноста-вели тој.
Минатата сезона имаше успешна ревија на Модниот викенд, на која претстави колоритни креации со принтови, меѓу кои и цветни модели за мажи.
-Се надевам дека и новата колекција ќе наиде на убав прием кај публиката и ќе предизвика интерес како претходната, не само кај нас туку и кај некои светски модни интернет портали, посебно машките модели. Неколку дена по прикажувањето во Скопје, колекцијата за есен-зима 2014/15 заедно со моделите од линијата за пролет-лето 2014, ќе бидат претставени и пред битолската публика на отворањето на Битолската модна недела.
Изминатиот период доста се пишуваше за дел од неговите креации, кои ги носеше младиот поп-пејач Димитар Андоновски.
- Соработката со Димитар почна по мојата покана до неговиот менаџер да присуствуваат на ревијата на претходниот Моден викенд. По ова ми предложија да соработуваме, па така, Димитар носеше парчиња облека од мојата колекција на некои поважни претставувања. Во мои креации се појави на концертот на Игор Џамбазов, на Скопскиот фестивал и некои други доделувања на награди и презентации. Соработката ќе продолжи и на новите проекти и промоциин кои му претстојат на Димитар, поврзани со издавањето на неговиот албум, како и претставувањето на фестивалите и во Македонија и на „Славјански базар“ во Белорусија-вели Никола.
Петровски се надева дека престојниот период ќе реализирам дел од своите планови, меѓу кои се и претставувања надвор од земјава, за кои веќе извесен период има преговори.
Со моден дизајн се занимава 18 години и исто толку се претставува најмалку еднаш годишно со ревија пред битолската публика, а како најзначајни моменти во градење како креатор ги издвојува специјализацијата во Софија и тамошното претставување, работата во фабриката за трикотажа „Пелистер“ од Битола и учествата на МОДЕСТ , создавањето на Битолската модна недела и учество на Модниот викенд – Скопје минатата есен. Својот стил на креирање го дефинира како женствен и елегантен.
-Женственоста и елеганцијата секогаш се присутни во мојата работа, но на почетокот беше дива, бунтовна со изразена сексуалност и транспарентни материјали, јаки бои и необични дезени , за денес да зборуваме за префинета софистицираност и елеганција на филмска дива-објаснува тој.
Нема коментари