Инспирирана од традиционалните македонски носии, во спој со новите технологии, дизајнерката Нела Тодоровска, која стои зад брендот Mariguccha, ја создала колекцијата Argatlook. Креациите беа премиерно претставени минатиот месец со мултимедијална промоција во рамки на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива 2016“. Присутните во „Плаја виста“ имаа можност да ги погледнат креациите поставени на кукли како изложба, преку фотографии, како и на модно видео, кое беше прикажано после концертот на бендот „ТИ“ од Србија.
Називот на линијата доаѓа од Argat (Аргат) т.е. работник и look (изглед). Идејата за оваа колекција почнала да ја развива пред неколку години.
-Идејата се појави во текот на работа во 2013 година. Тоа беше нешто што требаше да се случи…Ја запишав и чекав да се појави погодниот момент за да ја разработам. Моментално во нашето општество сите трагаат по традицијата, па можеби тоа ме натера…. Најголема инспирација ми беше жената како работник, како аргат, која сепак е толку совршена и заводлива и подготвена за живот и љубов- вели Тодоровска, која има завршено факултет и мастер студии за моден креатор и костимограф во Букурешт на државната академија за уметност.
>>Креациите од новата колекција се современи, збогатени со етно-елементи. Како го направи балансот меѓу модерното и традицијата? Во која мера тие се надополнуваат?
-Секогаш, ако ја следиш линијата, може да ја назначиш на начин кој што мислиш дека ти е најприкладен и највеќе си го бара моделот. Тука само ги следев кроевите на нашите носии. Некогаш ја менував лиијата, но во тој контекст, има момент што сакав да искористам и од работните современи одела, но тоа се гледа многу малку. Боите на принтовите ги сменив, но сите се инспирирани од некој вез.
>>Кои се основните каректеристики на новата колекција и за која сезона е наменета?
-Колекцијата е за цела година, затоа има и зимски и летни парчиња. Се состои од 20 модели и 10 кожни чанти. Креациите се комбинација од модерен и традиционален стил, футуризам, минимализам и деконструктивизам. Формите се широки, а палтата се со машки кроеви. Елеците оставаат најголем печат на колекцијата, зашто го опишуваат нашиот традиционален елек во минималистичка форма и боја. Работев повеќе на црна основа. Од материалите користев: сурова свила, памук и неопрен.
>>Снимивте промотивна фотосесија, до која произлезе и видео за Argatlook. Со кој соработуваше на нивната реализација?
-Моделите ги носи Јована Затараковска, премногу згодна девојка која ги поседува сите стандарди за да биде светки модел, но не се одлучила тоа да го работи. Фотографите се на Андреј Шумковски- наш млад уметник и на Ана Лазаревска. Видеото го монтира Андреј со Александар Зиков.
>> Какви се плановите за понатамошен пласман на колекцијата? Каде ќе може да се набават креациите и дали ќе ги претставиш и на некој друг моден или дизајнерски настан?
-Колекцијата ќе ја понудам во Белград и во Букурешт во концептуалните продавници со кои веќе имам остварено соработка. Кај нас сè уште не ги изложувам своите модели. Тие можат да се видат и порачаат на мојата страна на facebook, Mariguccha.
>>Покрај дизајнот на колекции за Mariguccha работиш и на костимографија на филмови. На какви проекти беше ангажирана изминатиот период ?
- Последен ангажман ми беше костимографијата на филмот „Златна Петорка“ од Горан Тренчовски, чија премера се очекува во август. Во најава се и некои реклами во Романија …
>>Називот на брендот е Mariguccha е инспириран од името на твојата баба, Влаинка, кое значи Марија, Дева Марија. Колку таа имала влијание на твоето градење како дизајнер и во создавање на колекциите?
-Секогаш додека работам имам чувство како и претходно да сум го работела ова, како тоа да е дел од мене од моето минато, без оглед што со генерации се занимале професионално со мода од моја фамилија ,како шапкари, шнајдери и плетачи на машини.
>>Деновиве, покрај модните парчиња и чанти, колекцијата Argatlook ја збогати и со неколку парчиња накит. Какви креации направи и од каков материјал?
-Станува збор за неколку уникатни парчиња обетки, прстен и ѓердан изработени од сребро, кои ја надополнуваат приказната на Argatlook. Формите се инспирирани од македонскиот вез. Обетките и прстенот се со минималистичка изведба, а ѓерданот е неколкуслоен, со повеќе форми.
Нема коментари