Вечната потрага по нова, необична форма, која не сме ни замислувале дека е изводлива за едно парче накит, македонската дизајнерка на модни додатоци, Мима Пејоска секогаш ја носи до иновативни решенија. Таа осум години го истражува филигранот. Има направено парчиња накит во вид на минијатурни шапки, комплети за готвење и за јадење, тропалка за бебе, луѓе во различни ситуации, прстени за три прста, ѓердани што се аплицираат на самата облека, накит за глава… Летово одушеви со својата линија на апстрактен накит, што изминатиов период ја прошири со прстените Adaptation. Со прецизност на научник, а креативност на уметник, Мима ги создала моделите кои магично ја менуваат формата. Истите можевме да ги погледнеме и на поп-ап распродажбата во локалот „Цреша“, пред неколку недели.
-Adaptation е една од трите нови серии накит на кои почнав да работам по завршувањето на магистерските студии. Се работи за голема колекција на прстени, дизајнирани да се носат како сет/пар од два прстена, кои со секоја сменета позиција се претвораат во нова уникатна форма. Оттука и името, Adaptation, е врзано за мноштвото на комбинации, компатибилни парови и адаптации на еден прстен со друг. Дизајнот е минимален, сведен само на навидум хаотични свиоци претставени во две нежни нијанси, жолта и сребрена. Убавината на овие сетови е што секој купувач-љубител на накит, сам си го избира сетот по нивен вкус, што го прави ова парче накит уште полично. Секој од дизајните нуди најмалку четири опции на носење, зависно од страната, позицијата и поставеноста на двата прстена. Некои од прстените елегантно се преклопуваат еден со друг, а други пак се совпаѓаат со празнините и отворите. Материјалите и боите (сребро со месинг) се внимателно избрани за да не ја оптеретуваат линијарноста на металните свиоци-вели Пејоска.
Мима две години беше на постиполомски студии во САД на Савана колеџот за уметности и дизајн.
-Често ми звучи неверојатно, но веќе пет месеци се поминати откога ги завршив магистерските студии по современ накит во Америка и сум назад во Македонија. Во моментов сум во Скопје на неодреден период и работам активно на неколку колекции истовремено, секоја од нив со сосема поинаков концепт. Серијата Sensibles и филигранските канали кои ги работиме со колега од Чикаго се дел од проектите кои главно ги работам за странскиот пазар, но креирам и други како Dream Cacthers и Adaptation кои се малку покомерцијални и посоодветни за нашиот стандард-вели Мима.
Постдипломските студии ги заокружи со завршна изложба на накит, наречена The Sensibles-Интерактивна инсталација со тактилни лебдечки накит. Коцептот на овој проект го базирала со цел да ги претстави сите лица на Тактилноста. За да може да ја долови целосно оваа идеја решила да не се фокусира на парчињата накит – туку на атмосферата во галеријата. Направила 150 дела кои се полесни од 14 грама, и ги „поставила“ на 150 хелиумски балони за да летаат слободно во просторот.
-Посетителите ги допираа парчињата додека летаа, и ги носеа низ галеријата. Беше магично! Дури и посовршено од моите очекувања. Парчињата беа направени од различни материјали, но морав да внимавам на тежината. Употребував памук, свила, зрна ориз, пластична фолија и слично. Многу од делата беа направени од хеклан инокс, кој сега е централен во мојата работа. Многу различно од сè она што го работев пред да отидам во Америка, но сепак со многу сличен сензибилитет како филигранот-вели таа.
По успешниот пробив кај нас со уникатниот накит изработен во филигран-техника, како и престојот во Берлин пред две години, Мима добила Фулбрајтова стипендија за постдипломски студии на Савана колеџ за уметности и дизајн. Таму се стекнала со повеќе сознанија: ласерско заварување, 3Д- моделирање, принтање со смола, плетење со метал, моделирање со пластика, силикон. Како дел од студиите, требала да заврши две стажирања и да учи како функционираат уметниците во светот на современиот накит. Така, минатата година имала среќа да ја запознае Биба Шуц.
-Таа беше одушевена од начинот на кој што размислувам и креирам. Се преселив во Њујорк каде што таа има студио, и работев за неа три месеци. Многу ми се допадна работата. Биба е голем уметник и постојано патува по конференции и саеми за современ накит. Како дел од моите лични истражувања, почнав да експериментирам со силикон (кој се употребува за специјани ефекти и маски во филмови), со хартија и разни типови на пластика, и токму тоа и продолжив да го работам кај Биба. Во целиот период, јас всушност смислував кои материјали и со кои техники таа ќе ја креира новата колекција, и бев ко-креатор на истата. Вториот стаж решив да го реализирам во рамките на мојот факултет и предавав за накит три месеци под менторство на проф. Бони Кубаста-вели таа.
Сè уште се занимава со филигранот. Соработува со неколку уметници во САД со кои заедно дизајнира накит. Вели дека сите се одушевуваа на техниката и никој не знаел како да ја изведе. Од SCAD ја ангажирале неколку пати да предава филигран на студенти и на професори.
Во Скопје има дипломирано етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет. Нејзината дипломска тема била токму за Филигранот и зачувување на традицијата. Оттаму продолжила со практично учење на изработка на накит, па добила и стипендија да учи златарски техники во Италија. По ова следеше Берлин и Design Thinking.
Нема коментари