Борејќи се со егзистенционалните проблеми на нашата модна сцена и поттикнат од желба да најде нови, креативни предизвици, пред три години Јован Петровски во еден куфер ги спакува сиот свој талент, знаења и соништа и замина во Бангкок. Таму создаде нов живот. Стана декан на одделот за мода во „Академија Италијана“, предава за колекција, историја на костим, современи стилови и анализа на стилови, но направи и пауза од создавање на нови линии.
Македонскиот креатор стана декан на одделот за мода во „Академија Италијана“ во Бангкок, каде што предава за колекција, историја на костим, современи стилови и анализа на стилови
Благодарение на „Фејсбук“ во неколку наврати кратко комунициравме. Но заради обврските нашата конверзација се сведе на честитики за роденден и за Нова година… Чекав на поголем повод за соработка, сè до октомври, кога ја промовира првата колекција на својот нов бренд SQUIRE, стациониран во Бангкок. Среќен е што повторно е во улога на дизајнер, но признава дека процесот на реализација на проектот од почетокот бил многу стресен.
Зад себе има многу ревии, но секогаш тие биле дел од некоја модна недела, каде што цела продукција е реализирана од организаторот.
-За промоцијата на SQUIRE се организирав сам со својот тим. Очекувањата беа големи. Како главен (декан) на одделот за мода на „Академија Италијана“ во Бангкок морав да се покажам во најдобро светло. За овие три години успеав да се пробијам како има на оваа модна сцена, но најмногу како консултант и контрибутор во некои списанија. Никогаш не сум се изразил креативно. Фидбекот од ревијата беше одличен. Бангкок е еден од најголемите градови на светоти и е главен моден град во Југоисточна Азија. Помеѓу присутните беа и главните уредници на Vogue, L’officiel, Numero и Elle - ја почнува приказната тој.
>>Кога реши дека е време да се вратиш како дизајнер? Каква е приказната за настанувањето на брендот SQUIRE?
-Уште на почетокот, кога ја добив понудата да предавам моден дизајн во Бангкок имав идеја да продолжам со свој бренд. Сакав да направам пауза од само една сезона, но испитувањето на пазарот, продуцентите и акумулирањето на нова енергија ми одземаа доста време. SQUIRE е само ребрендирање на Jovan Petrovski Clothes. Сакам да прерасне во глобален бренд, а мислам дека ЈП како име ме лимитира на пазарот. Затоа го одбрав SQUIRE, кое звучи помалку претенциозно. Маркет-сегментот е средно висок , што значи дека цената е достапна и дека квалитетот е одличен. Клиентелата варира. Женската колекција е наменета за професионална жена, која после работа во канцеларија со истата облека може да оди и на некој настан. Машката линија, пак, е наменета за личност што цени кроена облека, но во исто време сака да биде поразличен од масата. Секое парче од колекцијата навидум е доста класично, но ги има сите елементи да биде помалку неконвенционално.
>>Која е филозофијата зад името SQUIRE , што означува?
- Мојата добра пријателка, која исто така беше и модел на ревијата, Annabelle Francois, ме вика Squire (оружјеносач, племеник) поради мојот карактер. Искрено, на почеток не ни знаев што значи тој збор. Кога проверив во речник, сите други опции отпаднаа. SQUIRE се вклопи совршено со филозофијата на брендот. Дефиницијата на SQUIRE е: човек со висока општествена положба, или млад благородник (во средниот век), кој бил придружник на витез пред самиот да стане витез.
>> Кој, покрај тебе, е дел од тимот на брендот?
-Тимот е прилично голем за еден мал бренд како SQUIRE. Имав повеќе асистенти. Меѓу нив е и познатата српска дизајнерка Тијана Павлов и Илзе Мучина од Латвија. Ме радува што сите доаѓаме од различни места. Имам асистент од Малезија – Даниел Јиео и графичка дизајнерка- Сиена дел Орпаз од Израел.
>> Каде ќе бидат застапени моделите, дали ќе се продаваат надвор од Бангкок?
-Креациите ќе бидат застапена во неколку мултибренд продавници во Бангкок. Наскоро би требало да биде достапна и на еден сингапурски онлајн бутик… SQUIRE е во партнерство со Quevis- брендинг- агенција базирана на Бали, која ќе се погрижи за позиционирање на мојот бренд глобално. Во процес е и креирање на онлајн продавница. Се надевам дека SQUIRE ќе се развие во глобален бренд. Со задоволство би направил ревија и во Македонија.
>>Што те инспирира за првата колекција на брендот и колку таа се разликува од твојата претходна работа под името Jovan Petrovski Clothes ?
-Првично планирав да создадам само машки кошули, но кога почнав да истражувам најдов квалитетен традиционален кројач со кој ги развив машките костуми. Кога веќе се одлучив за поголема презентација во вид на ревија, решив да додадам и неколку женски парчиња кои ќе бидат како најава на женската колекција. Инспирацијата ја црпев од дендизмот и од Бју Брамел, кој се смета дека е првиот „денди“. Нормално ги има сите елементи на естетиката која ја негувам: строг крој, геометриски исечоци и друго. Естетика е како на Jovan Petrovski Clothes, што значи дека главна инспирација доаѓа од машкиот костим. За разлика од ЈП, SQUIRE е покомерцијален бренд, но тоа не значи дека нема експериментирање. Панк-рокот е во мојата ДНК и ќе го има во секоја моја колекција. Иако навидум оваа линија е геометриска и стуктурирана, панкот е очигледен. Принтовите на маичките и фармерките, кои се рачно полирани со восок, кој дава ефект на кожа и го омекнува строгиот и формален изглед. SQUIRE е луксузен бренд, а материјалите се одбрани со големо внимание. Сржта на моите колекции е дуализмот. Сакам микс од две спротивности, не само во процесот на концептуализирање на колекциите, туку и при изборот на материјали. Користев природни ткаенини од памук и волна, како и високо технолошки материјали како неопрен и гумиран памук. Женските ремени се од висококвалитетна кожа и се рачно изработени. Секое парче од колекцијата е направено со многу големо внимание и контрола на квалитет.
Се вљубив во Бангкок на прв поглед. Ми се допаѓа хаосот и брзината. Ја обожувам храната, посебно онаа која се продава на улиците. Но не е сè толку позитивно. Да живееш во Бангкок значи дека половина од животот го поминуваш заглавен во сообраќајот.
>>Каков ти е престојот во Бангкок, беше ли тешко да се прилагодиш и колку ти се промени животниот стил?
-По природа сум опортунист и лесно се адаптирам во нови средини. Бангкок е еден од најголемите градови на светот и нуди многу можности. Единствениот проблем што го имам е топлото време. Ми недостасуваат годишни времиња, но сакам да гледам позитивно. Можам да одам на плажа во било кој период од годината.
>>Со кои нешта те освои Бангкок, што најмногу ти се допаѓа, а на што сè уште не можеш да се привикнеш?
-Се вљубив во Бангкок на прв поглед. Ми се допаѓа хаосот и брзината. Ја обожувам храната, посебно онаа која се продава на улиците. Но не е сè толку позитивно. Да живееш во Бангкок значи дека половина од животот го поминуваш заглавен во сообраќајот.
>>Покрај работата на академијата во Бангкок, дали во меѓувреме имаше други модни ангажмани?
-Иако имам полно работно време во „Академија Италијана“, сепак наоѓам време како фриленс дизајнер. Работам како консултант и сум одржал неколку воркшопови во Таи текстил институтот. Консултант сум и на детската линија наменета за рускиот пазар, Little Prince. Неодамна бев поканет да бидам контрибутор во новото издание на магазинот „Нумеро“.
>>Колку често се враќаш во Македонија и што ти недостасува од тука?
-Се враќам еднаш годишно. Преферирам да доаѓам зиме. Ми недостасуваат моите пријатели и секако, мојата фамилија. Ми фалат прошетките по Стара скопска чаршија барајќи материјали и тавчето гравче.
Нема коментари