Широчината на Охридското езеро, неговото бескрајно синило и мирните бранови кои мамат воздишки, блескавата светлина на градот, како и сите лица на небото над Охрид, биле инспирација за четирите дизајнерки на современ накит, Јана Ацевска, Билјана Клекачкоска, Дафина Џепароска и Марта Пејоска, да ги созададат уникатните парчиња од изложбениот мозаик „Во синило те намамив“. Накиот од овој проект премиерно беше изложен лани, во рамките на „Охридско лето“. Градот на љубовта, културата, светлината е само врзивна нишка на најновите уметнички креации на која го исцртува нивниот индивидуален, авторски потпис. По успешното претставување во Охрид, изложбата на современ накит „Во синило те намамив” на 22 мај (четврток) во 20.20 часот ќе биде поставена и во Музејот на град Скопје. Изложбата е реализирана по идеја на Јана Ацевска, која работи под својот бренд за накит, „Капка“.
-Сметав дека идејата е вредна за да се реализира па ја споделив со директорката на „Охридско лето“, која веднаш го изрази својот интерес и така влезе во програмата на активности на минатогодишното издание. Мислев дека изложбата ќе биде поатрактивна доколку се претстават неколку различни автори со изграден стил и израз па затоа ги поканив Биби, Дафина и Марта да бидат дел од оваа наша заедничка приказна… Секоја од нас на свој начин е поврзана со Охрид, па така се роди идејата за тема и наслов на изложбата-објаснува таа.
Дел од парчињатата на Ацевска, кои беа изложени во Охрид, ќе бидат претставени и пред скопската публика, но дел од нив се создадени специјално за оваа поставка во Скопје. Сите примероци кои ќе бидат дел од изложбата се создадени и инспирирани од темата.
-Сината бојата ми беше примарно во фокусот и се задржав на неа. Предизвик ми беше да создадам сина боја на бакарот кој го комбинирам со други материјали и полускапоцени камења. Секако мотивот не изостанува во моите парчиња, па во некои од новите, може да се препознае и по некое кајче… Главно работам органски форми и како и секогаш во моите парчиња се забележува мојата желба да комбинирам материјали. Па така, едно парче може биде создадено од бакар со патина, дрво од маслинка и сребро итн…
Накитот ќе биде поставен на бели камења, а во позадина ќе се прикажува видео, кое е снимено на изворите на Дрим за да се потенцира главната инспирација за содздавањето на нивните парчиња накит. Иложбата во Скопје ќе биде отворена до 31 мај.
- Постановката во Охрид предизвика огромен интерес кај посетителите, што нè мотивираше да ја поставиме и во Скопје. Се надеваме дека реакциите на посетителите ќе бидат исти и тука, во Скопје…Идејата ни е изложбата да биде поставена и во неколку галерии во регионот, а заинтересираните ќе можат да ги набават саканите парчиња накит во Музејот на град Скопје.
Изминатата година за Јана беше доста активна. Учествуваше на низа изложби, проекти и семинари, во и надвор од Македонија. На почетокот на мај беше дел од Super Design Pop-Up Store во МКЦ, каде што претстави дел од своите нови креации.
-Настаните од таков вид секогаш ми претставуваат особено задоволство, пред сè поради тоа што тоа е на некој начин излегување од рамките на вообичаените конвенционални настани, но секако и заради дружењето и размената на креативна енергија. Прилично сме лимитирани со можности за промоција на нашите авторски дела па ваквите настани се добра прилика да се погледне нешто ново-вели Ацевска.
Мината година таа учествуваше на работилница за накит во најголемата златара на Балканот во Мајданпек. Парчињата што таму беа изработени потоа беа изложени во Белград. Исто така, беше дел од и „Славик фестивалот“ во Познањ, Полска, а во март годинава учествуваше на „Модепаласт Виена“- огромен продажен дизјанерски настан.
-Искуството беше одлично не само од аспект на можноста да бидам дел од овие настани туку и поради можноста за остварување контакти. Како резултат на моето учество на овој голем дизајнерски настан, во моментов мојот накит може да се најде на неколку продажни места во Австрија-вели таа.
Нема коментари