Важи за една од најурбаните градски фаци. Гласен и креативен поддржувач е на сите позначајни настани на независната и на дизајнерската сцена во Скопје. Може да го видите во првите редови на концерти, како танцува на подиум на журките, на разни уметнички проекти, дружби или да го сретнете низ скопските улици со своето куче, Поко. Доколку не се разминете со овој ведар лик, сигурно ќе наидете на неговите фотографии споделени на социјалните мрежи. Визуелниот уметник и графички дизајнер Горан Костовски- IndOg, постојано трага по нови форми за креативно изразување. Деновиве со фотосесија ја промовира својата нова мини-модна колекција наречена Traveler- Dive in. Дуксерите ја продолжуваат веселата приказна што IndOg ја пренесува веќе четврта година по ред.
-Го продолжувам славењето на обичноста и убавината на животот, но овој пат се осврнувам на нуркањето во самиот себе. Од аспект на дизајн на производот си играв повеќе со удобноста на рендерите и, секако, геометриските додатоци кои што за прв пат ги имплементирав минатата сезона. На огромна радост овие дуксери се со подебел материјал од претходните, од проста причина што јас цело време „кенкам“ како ми е мене ладно во зима, па затоа се одлучив да бидат подебели и поудобни. Мојот стил, кој што си го развивам од својата 13. година уживајќи во широките парчиња облека, повторно е вплеткан и во овие дизајни. Впрочем, создавам облека која што ќе те направи да се чувствуваш удобно и среќно кога ја носиш – вели тој.
>> Женските и машки дуксери се збогатени со принтови во златна и сребрена боја. Со овие тонови секогаш постои опасност од преминување на границата од шик во нешто што е кич. Колку беше свесен за ризикот, и како успеа да избалансираш, моделите да останат во рамката на нослива стрит- стајл облека?
-Балансирањето на нештата ни го прави животот и полесен и поедноставен така и со илустрациите за новите дуксери неколку месеци цртање прецртување и себе преиспитување ми даде до знаење дека не треба да се претерува. Сè тоа е кул што јас сакам да цртам, меѓутоа мораше да се внимава илустрацијата да не создава очобол, хе хе хе. Инаку има некој аспект во кичот кој што ми е предизвик да го играм и се надевам дека добро го имам имплементирано.
>>Твоите модели се препознатливи по интензивните бои. Досега користеше силен тоналитет на сина, црвена, зелена и жолта, а овој пат се одлучи за потемни тонови- виолетова и црна…Како го правиш изборот на бои, дали го врзуваш со сезона, актуелни светски трендови или лична побуда? Дали има некое посебно значење изборот на темни бои во овој случај?
-Препознатливи се по интензивните бои бидејќи и таква порака пренесуваат. Не знам, мене некако ми е поубаво кога гледам шарени облеки низ нашиот град. Изборот на бои го правам од свој личен вкус и како јас сето тоа го доживувам. Се разбира дека постои истражување за трендовите на сезоната, но гледам нив многу да не ги играм, него да се следам себе си што мислам дека е позначајно за самиот себе. Зимата е мистична сама по себе, има некоја топлина во целиот тој студ и мрак кој што ја носи таа, па затоа и се потемни бои кои што се вплеткуваат со весела илустрација и светол принт.
>> Со креациите секогаш пренесуваш некаква порака, каква е овој пат?
-Концептот ми е најбитен за сето она што го создавам, ако нема идеја разработена како што треба, подобро да не создавам. Секоја година различна тематика. Првата колекција беше посветена на танцот и на сето она што моментално ни се случува на локалната сцена. Оживување на клабингот во нова димензија и секако, многу, многу прекрасни нови бендови и музичари/ки кои што неуморно и полни со ентузијазам работат. Втората колекција беше посветена на вселенета и на нејзиното истражување, додека третата колекција беше посветена на забраната на циркусите во Европа и забраната на експериментирањето на животни во цели на индустријата. На ова сум посебно радосен, бидејќи долги години невини животни страдаа непотребно. Секако, не смеам да заборавам дека оваа колекција имаше и маица посветена на сите оние велосипеди кои што сè повеќе ги има низ нашиот град. Браво за нив (нас). Прекрасни сте! Оваа зима колекцијата е создадена и инспирирана од морскиот свет. Инспириран сум од сите тие работи кои што живеат во него, но од друга страна сакам да потикнам на нурнување во самиот себе. Луѓето да нурнат во самите себе и да подразмислат што тие носат во себе си и да почнат своите лоши особини да ги трансформираат во нешто подобро. Не сме совршени, но треба да нурнуваме во себе си да истражуваме за да се подобриме.
>>За колекцијата изработи фотосесија со млад и талентиран тим. Колку фотографката Билјана Ќосева успеа автентично да ја претстави твојата замисла и приказна од колекцијата?
-Многу ми е драго што секогаш соработувам со многу убави луѓе полни со енергија и ентузијазам. За овој проект покрај Билјана, која што ја познавам веќе неколку години и за мене важи за една од покреативните фотографки кај нас која што бескрајно се труди и истражува како да добие секогаш интересни фотки, овој пат ни се вклучи и шминкерката Јелкица Поповска, која што неуморно трага и работи во секоја форма на креативноста. Многу сакам да работам со отворени луѓе бидејќи секогаш работата ни оди полесно. Јас не сакам да ми се мешаат во својата работа, бидејќи знам како најдобро јас да си ја сработам, па затоа и јас ги оставам креативците да си ја одработат својата работа. Инаку, ДА, премногу сум задоволен. Огромна благодарност и до Шале, за отстапениот простор.
>>Во промоција на своите колекции секогаш како заштитни лица избираш урбани фаци. Овој пат се одлучи за блогерката Мартина Неделковска и за професионалниот манекен Андреј Клинчаров. Колку креациите изгубија или добија во шарм и идентитет со овие два лика, колку тие и дадоа некоја нова форма на приказната?
-Вистина е тоа. Сакам да соработувам со урбани ликови бидејќи знам дека се опуштени и нема многу да имаме замарање едни со други, а работата ќе се заврши на најдобар начин. Се трудам да сликам ликови битни за овој град и што тие работат и допринесуваат секој на свој начин за достојно културно живеење во него. Овој пат го сликавме Андреј, кој што веројатно многу од луѓето не знаат дека зад себе има интернационална кариера со многу познати дизајнерски имиња и покрај тоа што работи скоро со сите домашни дизајнери, и Мартина која што е кул блогерка и панкерка и преку својот блог ја пренесува нејзината визија за модата. Тие секако дадоа форма бидејќи работат и допринесуваат исто како и нивните претходници, но Андреј и Мартина се разбира дека дадоа посебен тек на сесијата и не за џабе беа селектирани, бидејќи имаат во себе personality и секако нурнуваат и работат на себе она што сака колекцијата да ни го пренесе во целост. Фала ви!
>>Успешно го водиш својот бренд Celebrate life. Која е филозофијата зад називот, колку ти е водилка во создавањето на моделите?
- Брендот настаната во момент кога прегорев во адвертајзинг индустријата, бев многу несреќен со тоа што го работев и морав да си најдам начин како да се доближам до себе си, па трагајќи во себе решив дека е време да се вратам на своите корени. Во меѓувреме добив на подарок пес (Бојана, Лука, Перо и Руки фала ви) кој што ми значи премногу, па тој ме освести дека животот не е само работа него и задоволство и дека не треба да бидеме роб на истиот. Поко, мојот пес навистина ми помогна во многу ситуации и како полесно да пристапувам кон нештата т.е да ги доживувам и реализирам со забава (Ова можеби звучи откачено за луѓето кои што не чувале кучиња, но оние што чуваат точно знаат за што зборам). Па така се случи и со поинаков поглед да ги гледам и бездомните животни. Многу ме болеше и се уште ме боли кога ќе видам бездомно животно како шета гладно па реално беше да создадам нешто со кое што на некој начин ќе помогнам. И така го создадов Celebrate Life со цел да можам да помогнам на сите тие несебични и добри луѓе кои што им помагаат на бездомните животни (верувајте премногу сте браво). Од продажбата одвоив некоја финансиска помош, секако не голема бидејќи сепак ова е направи сам етикета и нема се уште профит. И нештата почнаа да се развиваат, буквално крадам инспирации од секоја ситуација. Многу често ми се случува кога седам некаде од обичен муабет да се исклучам и да почнам да пишувам во телефон или да почнам да цртам. Филозофијата на брендот е огромен водич кон сите колекции.
>>Во која насока планираш да го развиеш брендот и кои се неговите најзначајни моменти до сега?
Не сакам да се жалам, но се надевам дека ќе дојде моментот кога ќе имам финансии за да направам и поголема колекција. Инаку најзначајно ми е што луѓето почнаа да го гледаат графичкиот дизајн на еден поинаков пристап од сегашниот и што луѓето почнаа повеќе да зборуваат за него и да го ценат. Навистина ми значи отвореноста на луѓето.
>>Покрај блузони, изработуваш принтови и за беџови и за чанти. За кои модели обично има најголем интерес и кои ти се најголем предизвик?
-Маиците ми се прва љубов, бидејќи јас рачно ги цртав пред 13 години. Но потоа, не знам зошто, се отргнав од својата идеја со облеката, веројатно оти дојдоа поголеми обврски од работа што плаќа сметки, па мораше да се направи пресек што понатаму. Насобрав огромно искуство, работата ми беше огромна школа за сè она што се случува денес и многу ми е драго што повторно се враќам кон своите креативни корени. Другарка ми ме зеза дека благодарение на мене беџовите биле пак модерни, а јас пак и се смеам дека одамна не била на концерт, па затоа заборавила дека тие постојат . Околу чантите би рекол дека највеќе ги создадов од еколошки причини, за тие да се користат во сите сегменти на нашиот живот, а да се избегнуваат пластичните кеси кои што им требаат многу години за да се распаднат. Ем пазарите во домашен дизајниран производ, ем помагате за развој на здрава еко средина.
>>Буден следбеник си на сите урбани и културни настани кај нас. Колку е важно за еден современ уметник да ги проследува сите настани во својот град, колку тоа влијае во градење на твојот дизајнерски идентитет?
- Градот (н.з Скопје) е мал и мора да се поддржуваме едни со други. Да не напоменувам дека немаме никаква сцена развиена до крај само затоа што не одиме на настани и сме затворени во своите кругови, па после плачеме како кај нас ништо нема. Ќе нема се додека луѓето не се отворат и не одат да поддржат нешто вон нивниот поглед на гледање. Се трудам да одам на сите настани, во театар, на изложби итн. Иако морам да признаам дека најмногу сум присутен на концерти, а од време на време и на забави. Од кога станав ранобудник многу ретко излегувам после полноќ. Ентузијазмот на некои мали детали ми дава и желба за работа. Растев во едно време кое што навистина беше импресивно и изврши огромно влијание врз мене. Последниве неколку години има повторно нова сила, се надевам дека ќе станеме свесни што значи локална сцена и поддржување на истата, па таа ќе се развие и ќе добие нов тек.
>>Со своите фотографии снимени со телефонот и споделени на социјалните мрежи често ги претркнуваат новинарите и фоторепортерите…. Од каде потребата прв да споделиш некои новости?
-Микроблогирањето и новите технологии донесоа еден поинаков пристап до информираноста и текот на настаните, па поради тоа и јас каде што го посетувам секој свој настан давам свој печат на истиот и го архивирам во својот блог т.е интернетот. Многу често се случува блиску другари и другарки кога не знаат каде да излезат да ме проверат на интернет каде сум, па да дојдат на настанот.
>> Меѓу првите кај нас го промовира/ користиш „ Инстаграмот“, а беше и дел од оганизацијата на изборот „Летограм“. Дали, и покрај комерцијализација на оваа платформа , сè уште гледаш предизвик за споделување, и колку кај нас се користи во вистински цели?
-„Инстаграм“ е одлична апликација која што на нас што имаме желба кон ломо-фотографија ни отвори можности да се задоволиме со истата. Одлична социјална мрежа со која што се поврзуваш со многу корисници од целиот свет. Многу ми е драго што некои битни креативни фаци од светов ме следат таму и често ми даваат свој feedback за мојата работа. Инстаграм натпреварот беше одлична можност за брендот кој што го работевме да го најави неговото доаѓање на истата мрежа. Импресивни бројки и податоци од истиот тој. Комерцијализацијата на оваа платформа е одлична за сите. Се надевам дека домашните брендови и индивидуалци ќе се потикнат да дојдат на оваа мрежа бидејќи е одлична можност за презентирање на својата работа и вмрежување со одлични луѓе низ целиот свет.
>>Ти си професионален графички дизајнер, со импресивна биографија….Гледајќи наназад, со кои одлуки, потези и дела се гордееш најмногу?
-Благодарам на зборовите. Инаку мојата импресивна биографија немаше да биде таква каква што е ако не бев вреден. Многу пропатив низ годините, кaко за беља или среќа наидував многу често на расипани и проклето суетни луѓе кои што многу често ме уназадуваа, без разлика колку и да бев фер со нив. Но тоа само ми даваше многу повеќе мотив да работам и да се надградувам себе си. Се трудам навистина да работам и верувам во истата да не зборам дека ја сакам премногу. Многу сум горд што создадов свој стил на работа и луѓето го препознаваат. Фала на сите убави соработници овие години.
>>Постојано нешто твориш, и креативно се изразуваш. На каков проект работиш во моментов?
- Да бидам искрен, не знам што би правел со себе ако не творам. Последнава година работам на детска продукција и за истата творам. Се надевам дека ќе се надградувам на тоа поле и дека ќе создадам повеќе работи во детската продукција. Во меѓувреме ја цртам и својата нова изложба, која се надевам ќе биде подготвена до пролет.
>>Низ скопските улици често те гледаме со своето куче Поко, кое своевидна ѕвезда на социјалните мрежи. Како ти изгледа едно секојдневие подредено на својот миленик?
-Поко е посебна приказна. Од што е љубимец размазен. Многу често знае да ме зеза па непотребно да се шетаме по ветеринари мислејќи дека му е нешто. Инаку да, уличари сме и поголемиот дел од времето сме на улица. Многу ми значи кога шетам со него на празни скопски улици бидејќи тогаш многу често и размислувам за некои одлуки и идеи.
>> Со што се занимаваш во слободното време. Имаш ли некој скриен афинитет и талент за кој не знаеме ?
- Трансферот од вегетаријанец во веган ми отвори нови видици кон храната па почнав сè почесто да ја готвам и да ја уживам на некој нов начин. Исто така многу често пешачам на планина и периодично вежбам јога, а последниве три месеци се воведувам во кондиционен ред па вежбам P90X поздрав до „Тринити“ банда.
Нема коментари