Марија и Кристина се графички дизајнерки кои живеат во два паралелни универзуми и функционираат на сосема различен начин. Марија е синоним за ладно, а Кристина топло. Марија функционира најдобро без Сонце, а Кристина не може без него. Доколку не би биле во родот homosapiens, Марија би била голема поларна мечка, а Кристина мала срна. Новниот блог (и бренд за накит) Design and berries е единствениот простор во кој функционираат како едно и во кој го пренесуваат сето она што го впиваат во своите различни светови.
-Се познаваме од студиите, но ни требаше време да сфатиме дека колку што ни се различни световите, толку ни се исти идеите. Сè повеќе се надополнуваме и одлично функционираме како тим. Не постои остра граница за поделба на задачите без разлика дали се работи за идеја за парче накит, пакување или фотоедиториал за истото-вели Марија Чолкова.
Идејата за модниот и дизајнерски блог Design and berries ѝ се родила на Кристина за време на студиите. Блогот постои од 2010, првите две години под името design and breakfast и на веќе постоечка платформа, за потоа да продолжи со ново име и свој domain.
- Имав потреба од место кое ќе го полнам со сè што создавам и што ме инспирира. Се одлучив за имато Design – зашто не можев да се одлучам во кој дел од светот на дизајнот припаѓам, а berries затоа што омилено хоби ми беше (и сè уште ми е) создавањето на мали слатки задоволства. Марија стана дел од приказната на design and berries пред околу една година, кога започна и нашата прва заедничка соработка со снимање спот за берлинското електронско дуо Paskal & Urban Absolutes, па оттогаш продолживме да работиме како тим-вели Кристина Манчева.
Најчесто постираат фотографии со накитот што го создаваат , но исто толку важна им е и презентацијата на накитот преку креативна фотографија, како и креирање на пакувања за истиот. Сметаат дека презентацијата и формата во која некој ќе го добие производот е со иста важност колку и самиот производ, овие два сегмента ја зголемуваат вредноста и на производот и на брендот.
- Како што се развиваме ние во светот на дизајнот така се развиваат и нашите амбиции и цели за блогот. Научивме да не се ограничуваме само на еден медиум, доколку имаме идеја во која силно веруваме – ја реализираме-вели Кристина.
При дизајнирањето не сакаат да се ограничуваат со материјали, а исто така избегнуваат материјалот да ги ограничува нив. Од овие причини веќе подолго време работат со полимерна глина. Се работи како со глина, се почнува од нула, без никаква форма и едноставно создавате.
-Изработуваме сè што една девојка може да стави на себе како моден додаток. Најчесто нè препознаваат по тоа што често знаеме секојдневните предмети да ги претвориме во парче накит, како што е случајот со закачалките – обетки, сетот парчиња ханзапласт, пуканките… Постојано се инспирираме. Секојдневно. Од музика, енергија, емоции, мили луѓе, најситни детали.. до цели универзуми. Се обидуваме да впиваме што повеќе убави моменти кои ги канализираме низ призмата на Design and Berries, со цел да создадеме уникатни парчиња накит за сите сонувачи-вели Марија.
Најчести клиенти им се девојки кои се пронаоѓаат во стилот на Design and Berries.
-Нашите креации се за чувствителни, романтични, моќни и екстремни, а сепак деца во срцата. Исто така се почесто сè случува да купуваат и мажи кои сакаат да подарат и изненадат некоја девојка со нестандардно парче накит. Моделите се изработуваат по нарачка, а од неодамна можат да се најдат и на Bastet Noir-додава таа. Неодамна остварија успешна соработка со креаторката Ирина Тошева на фотосесијата за нејзината колекција, Memento Mori 2.0..
- Помеѓу извонредната Ирина Тошева и Design and Berries веќе подолго време беше планирана соработка. По настапот на Моден викенд-Скопје есен/зима 2013 со Memento Mori, Ирина реши да работи новогодишно продолжување на колекцијата, па ни предложи да изработиме модни аксесоари за истата. Немавме никакво ограничување од страна на Ирина и работевме со комплетно одврзани раце. Парчињата накит Ирина ги виде еден ден пред фотографирањето на едиторијалот. Прекрасно е да се работи со луѓе кои толку многу веруваат во вас. Едиторијалот се работеше со неверојатната Ерина Богоева зад фотоапаратот, шмикна – Набојша Пешевски, фризура – Studio Allure и единствената Лумија Камилија како модел-вели кристина.
Беа дел од хуманитарната изложба „Дизајнирани прегратки“, а пред неколку месеци и на настанот поврзан со Мовембер.
- Јавното претставување во моментов не е на листата на приоритети на Design and Berries, меѓутоа кога се работи за хуманитарен настан секогаш правиме исклучок и се оставаат сите планови на страна. Кога дознавме за Мовембер одлучивме да бидеме дел од овој настан и изработивме мала брко колекција, а сите средства собрани од истата беа донирани во тимот Мовембер Македонија. На 21ви Јануари бевме дел од светскиот ден на гушкањето, изработивме беџови и тефтерчиња со инпиративни пораки како и алка која во моментов гушка нечија рака-објаснува Кристина.
Фотографијата е дел од визуелната презентација на производот и за нив е од голема важност.
- Фотографирањето и фотоприказните ги работиме сами. Најчесто градиме суптилна, чуствителна, нежна, а понекогаш дури и кршлива атмосфера. Секогаш соработуваме со девојки чија професија/хоби не е фотомодел. Практикуваме да фотографираме девојки кои поседуваат парчиња од Design and Berries, сепак тие се оние кои најдобро го претставуваат производот и го доближуваат брендот до корисникот-велат тие.
Пред неколку дена ја претставија својата најнова колекција Creamy Hearts, а веќе подготвуваат нови слатки задоволства.
-Не сакаме да го уништиме изнанедувањето, па затоа се што можеме да кажеме во овој момент е.. Следете нè Првата точка од „2014 To Do”- листата за Design and berries веќе се исполни – дел од колекциите се достапни и online, благодарение на Bastet Noir. За останатите планови веќе сме во преговори. Но, како што веќе кажавме, нема да бидеме расипувачи на слатки изненадувања.
Девојките од Design and berries денеска во 19.30 ќе учествуваат на хуманитарната модната ревија во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, на која се собираат средства за младата Симона, која храбро се бори со ракот. Влезниците се по симболична цена од 50 денари.
Нема коментари