Oд учесничка на групните ревии како студентка на Академија Италијана, до самостојна ревија, како носечки дизајнер , на затворањето на Моден викенд-Скопје. Кариерата на етаблираната дизајнерка Ирина Тошева се гради паралелно со оваа манифестација. Со презентацијата на нејзината нова колекција на 1 ноември во „Скопје Мериот Хотел“ ќе биде затворено 14-тото издание на Моден викенд Скопје (FWSK).
-Ова е моја десетта ревија на единствената модна платформа кај нас. Изминативе пет години, благодарение на Моден викенд имав ревии во регионот и бев дел од бизнис едукативната програма со што ја изработив activewear колекцијата со македонската фабрика „Цеботекс“. Моден викенд е мојата „дома“. Растеме, созреваме и се поддржуваме безрезервно секоја сезона.
>>Каквa е приказната зад новата колекција? Во каков стил ќе бидат новите креаци и какви парчиња, бои и материјали ќе домининираат?
-Инспирацијата е жар-птицата како мотив во приказните од словенскиот фолклор.Оваа волшебна птица што сјае и доаѓа од далечна земја е и благослов и носител на несреќа на оној што ќе ја фател… Нејзината потрага е пресликана во новата колекција. Сите имаме по некоја „своја“ жар-птица. Од нас зависи дали ќе ја заробиме или пуштиме слободно да лета. Оваа сезона повторно се навраќам на боите, а природните материјали, удобноста и практичноста остануваат клучни нешта во мојот дизајн.
>>Со секоја нова колекција правиш чекор напред, на моден план, на технолошки, уметнички… која ќе биде новината кај оваа колекција, по што ќе се разликува од останатите?
-Колекцијата овој пат е мало резиме на различни елементи од мојата досегашна работа. Да не откриваме премногу.
>>Talent is the new sexy e темата на претстојното издание на Моден викенд. Колку со твојата колекција се надополнуваш на оваа тема? Како ти би го објаснила ова мото?
Време е да се вратиме на вистинските вредности. Облеката не го прави човекот, а лошата уште помалку
>>Колекцијата е поддржана од Avicena. Како настана оваа соработка/поддршка и колку е важно за модните креатори да добијат поддршка од ваков тип, колку треба компаниите и институциите да се вклучат во модната индустрија кај нас?
-Поддршката од бизнис секторот и институциите е навистина важна. Тука, пристапот, отворената соработка и големата доверба е клучна. Таа помага да се одржи континуитетот, подобри квалитетот и зголеми производството. Наше е да ги најдеме и допреме до нив, наместо да напаѓаме и плачеме колку ништо не чини.
>>Покрај самостојната колекција/ревија, на ова издание се јавуваш и во улога на ментор. Последната вечер ќе се одржи ревија на твоите ученици по моден дизајн од Центарот„Кариера Плус“. Што да очекуваме од курсистите-дизајнери, колку си задоволна од нивната работа, креативност и ангажираност? Има ли надежни таленти меѓу нив?
-Ме радува што оваа сезона ќе бидам рамо до рамо со голем дел од мојата прва група по моден дизајн во „Кариера плус“. Работеа на прилично општа тема и еден дезен кој секој си ја протолкува и искористи на свој начин, според својата приказна, задржувајќи го својот стил. Има навистина одлични дизајни. По групната ревија е и првата самостојна ревија на уште една курсистка од оваа група, Марија Трајанова, која откако беше моја асистентка во Приштина реши да започне со работа на својот бренд. Се гордеам и искрено им посакувам голем успех. Пазарот е мал, но има место за сите.
>>Твоите колекции досега беа претставени на манифестации и изложби во Дизелдорф, Виена, Фиренца, Приштина, Љубљана….Какви се плановите за новата колекција по ревијата во Скопје? Што е во твојата агенда до крајот на годината?
-По Модниот викенд се работи на едиторијалот како заокружување на целата приказна на колекцијата. Се подготвувам и за Москва, каде што со Никола Кунгуловски, мојот соработник за минатата колекција „Риза“, сме поканети да бидеме дел од 3D Print Expo и да зборуваме за користењето на 3д -технологиите во секојдневната мода.
>>Важиш за креатор кој не се појавува во нашата јавност само од колекција до колекција,туку меѓу две сезони активно работи на различни проекти. Кои ангажмани го одбележаа периодот меѓу пролетното и есенското издание на Моден викенд?
-Топлите месеци се главно фокусирани на невестите и ме исполнува можноста да работам дизајни со интересна приказна и далеку од „шаблоните“ за овој чин. Бев куратор на модниот дел на интернационалниот саем на современа уметност „Паратисима Скопје“, што претставуваше ново и интересно искуство. Бев и единствениот учесник од Балканот на првото 3д модно шоу во Германија со неколку одбрани парчиња од колекцијата „Риза“. Последниов месец работам и на донаторски проект со македонската компанија „La Dama“, инспириран од животните. Се работи за хулахопки за деца и девојки. Со секој купен пар донирате за бездомните животни. Дизајните премиерно ќе бидат претставени на „Веге Фест“ на 30 октомври во МКЦ.
>>Редовно правиш фотоприказни за своите колекции. Дали е во план нова сесија?
Фотоприказните ми се неизбежни во претставувањето на колекциите зашто умеат да ја доловат целата приказна. Со мојот тим активно работиме на концептот околу новиот едиторијал кој ќе биде претставен на крајот на ноември.
Нема коментари